Не личи цело време да оди бодигард по тебе, му рекол Велјановски на Спасовски на 27 април

5257

Директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, кој за време на крвавиот четврток беше обезбедување на Оливер Спасовски, е последниот сведок на денешното рочиште за случајот од 27 април.

Тој кажа дека попладнето на критичниот ден бил надвор покрај Собранието во службеното возило. Не бил покрај Спасовски, иако тогаш екс министерот имал право да има едно лице од обезбедувањето покрај него цело време.

– Оливер Спасовски беше на средба со тогашниот претседател на Собранието Трајко Велјановски. Јас чекав пред канцеларијата. Во еден момент кога излезе од канцеларијата Велјановаки ме праша во кое својство сум тука. Јас му кажав дека сум со Спасовски. Потоа двајцата заедно излегоа и Велјановски во холот му се обрати ,,Зошто твоето обезбедување оди цело време со тебе?”. Оливер го праша дали е тоа против закон. Велјановски му врати дека не е, но не личи бодигардот да оди цело време по него. Јас им упаднав во збор и реков ,,Не е проблем можам да чекам и надвор” – раскажа Тасевски.

Тој влегол во Собранието кога слушнал на радио дека демонстрантите ја прескокнале металната ограда. Кај прес центарот каде првпат се судрил со демонстрантите. Тасевски најпрво стоел од надвор, но како надоаѓале се повеќе луѓе влегол внатре за да ги извести пратениците каква е состојбата. Пробал од внатре да ја задржи вратата, но не успеал. Кога демонстрантите влегле внатре, раскажа тој, покрај физичките напади им се заканувале и дека ќе ги убијат, ќе се прогласи воена состојба и сите ќе ги ликвидираат.

Тасевски, исто така, кажа и дека пред да влезе во Собранието му се јавил на началникот на внатрешното обезбедување за да се координираат бидејќи началникот претходно му кажал дека немаат полицајци и оти со 4-5 полицајци го обезбедуваат Собранието.

Тасевски е шестиот сведок кој денеска зборуваше во судница на маратонското рочиште кое започна утринава околу 10 часот.

Следното рочиште ќе се одржи на 25 септември кога ќе се сослушаат четири сведоци.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...