Бојкотот е инфантилност и израз на политичка регресија

902

Бојкотот противречи на основниот принцип на демократијата – на правото на глас за кое се бореле сите слободни граѓани во европската историја. Тој што во состојба на демократија, во која основната и највисока вредност е правото на глас, бојкотира, всушност, се укинува себеси како слободен субјект и одговорен граѓанин.

Тој го блокира своето избирачко право. Тој се катапултира во состојба на „беззаконство”, која е надвор од општествените норми. Тој, со тоа, ја губи личноста и станува толпа и маса, а тие се вистинскиот инструмент на секоја диктатура.

Бојкотот е израз на авторитарна личност, а не на слободна. Таа, слободната личност, мисли со своја глава, според принципот на европското просветителство, дефиниран од Имануел Кант, чиј темел е критички мислечка личност. За неа одговорноста е морален императив. Демократија без одговорност не постои. Без граѓанска одговорност општеството станува хорда, стадо, борба на сите против сите.

Тој што бојкотира, ја отфрла граѓанската одговорност. Тоа се случува денес во Македонија. А тоа е поопасно за општеството од промената на името.
Тие што во едно општество ја бојкотираат слободата на глас ја помагаат само диктатурата на толпата, на обезглавената хорда. За неа мислат други. Нејзината глава е водачот или неговата доктрина.

Таа личност ја предава својата слобода на глас на водачот, на диктаторот, на индоктринаторот. Тие, со тоа, стануваат инфантилни. Впрочем самиот бојкот е израз на политичка регресија. Инфантилноста на пркосот не е слобода на личноста. Таа е негација на суверената личност. Тоа е особено јасно кај македонските левичари, кои сега сложно пеат во хорот со екстремните десничари и националисти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...