Обвинетиот во случајот со 27 април, Игор Југ, за време на сведочењето на заменик министерот во МВР, а тогашен технички министер, Агим Нухиу, се јави да му се постави прашања.
– Како можете како министер за внатрешни работи да не знаете дека странски шпион се шета во Собрание? – праша Игор Југ мислејќи на српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ кој на крвавиот четврток беше забележан во Собранието.
По приговорите од обвинителството за прашањето, судот не дозволи Нухиу да одговори на истото на што бурно реагираше Игор Југ.
– Каде е Живаљевиќ тука? Судите 33 Македонци. Него го нема зашто е српски шпион – рече со нервозен глас обвинетиот.
За прашања кон Нухиу се јави и обвинетиот Јане Ченто кој со повишен глас почна да прашува како е можно Нухиу како министер за време на 27 април 2017 да не е на обвинителна клупа во ситуација кога е во прашање вака сериозен обвинителен акт.
Меѓутоа, поради начинот на кој се обраќаше, Кацарска го прекина опоменувајќи го да внимава како поставува прашања.