Премиерот Зоран Заев се заблагодари на заложбите и активностите на претставниците на Форумот за демократска Македонија во промовирање на државата и нејзиното културно наследство низ светот, како и за афирмацијата на стратешките интереси на Република Македонија.
Зборувајќи за референдумот кој ќе се одржи на 30 септември, премиерот ги повика сите граѓани од Република Македонија кои живеат во странство, да ги поддржат напорите и процесите кои водат кон подобрување на демократијата, како и кон унапредување на економијата и животниот стандард на сите граѓани во нашата земја.
Претставниците на ФДМ од Вашингтон и Њујорк го потврдија нивниот став дека референдумот на 30 септември е единствениот пат кон полноправно членство на земјата во НАТО и Европската Унија. Дополнително, тие порачаа дека секој треба да учествува во демократските процеси за развој на Република Македонија и повикаа Владата да продолжи со инклузивен пристап во градењето политики и носењето одлуки за доброто на сите граѓани во земјата.