Да не се водиме од впечатоците за тоа што јавноста подразбира под „внука“, туку да се водиме од законот, рече вечерва претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штериев во врска со изборот на Марија Ѓоргева за јавен обвинител во Обвинителството за организиран криминал.
Штериев во гостувањето на Телма, истакна дека изборот на Ѓоргева е легалистички во ред и за неа гласале сите членови на Советот.
– Марија ја знам колку што сум во брак со сопругата, од дете, но степенот на сродство со неа не влегува во дефиницијата за блиско лице. Марија конкурираше со сите останати и тоа беше поводот и причината да го консултирам Законот. Марија и пред и по изборот била јавен обвинител во прв степен. Пред изборот постапувала во Основното обвинителство пред Основниот суд Скопје 1, а по изборот повторно е јавен обвинител од прв степен и постапува во Обвинитеството за организиран криминал – потенцира Штериев.
Претседателот на Советот на јавни обвинители смета дека против него се води хајка откако антикорупционерката Жаклина Дамческа која утрово поднесе оставка, вчера до Комисијата доставила службена белешка за наводен судир на интереси кај Штериев.
Штериев при изборот на Ѓоргева гласал воздржано, а според Законот за судир на интереси, како што навела Дамческа, требал да побара изземање од гласањето.
Штериев беше избран за претседател на Советот во август 2017 година по оставката на Петар Аневски.