Ќе потече гас од гасоводот ТАП преку Албанија

Изградбата на проектот ТАП на албанска територија е во завршна фаза.

394

Изградба на интерконективен гасовод за ефикасна испорака на природен гас како дел од соработката за развој на преносните мрежи на природен гас меѓу Македонија и Албанија е договорена денеска, со потпишување на Меморандумот за разбирање меѓу директорите на Македонски енергетски ресурси и АЛБГАЗ од Тирана, Бајрам Реџепи и Арбр Аврами.

На денешното потпишување присуствуваа и министерот за економија Крешник Бектеши и албанскиот министер за енергетика Дамјан Ѓикнури.

– Соработката во областа на природниот гас, верификувана денеска ќе овозможи обезбедување на сигурност и диверзификација на снабдувањето со природен гас. Со ова ќе биде промовирана гасификацијата, испораката на дополнителни количини на природен гас помеѓу двете земји, но и поттикнување на инфраструктурните инвестиции во енергетскиот сектор, како и исполнување на обврските што произлегуваат од Регионалната иницијатива за централно и југоисточно европско поврзување со гас – изјави Бектеши по потпишувањето.

Бектеши изрази и задоволство што изградбата на проектот ТАП на албанска територија е во завршна фаза.

За министерот за енергетика на Албанија Ѓикнури потпишувањето на меморандумот за соработка во сферата на гасификацијата, како дел од енергетиката, е добра основа од која ќе имаат корист двете земји.

– Таквите проекти кои го развиваат енергетскиот пазар треба да се гледаат со голем интерес , бидејќи како соседни земји имаме многу обврски кон Енергетската заедница – рече Ѓикнури.

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска престојува во Тирана, во рамки на официјалната посета на Република Албанија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...