Кукан и Флекенштајн: Не размислуваме за план Б, барамe да кажете „да“ ВИДЕО

128
ФОТО: EPA/ETIENNE ANSOTTE

Европарламентарците Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан денеска во Скопје им порачаа на граѓаните да кажат „да“ на претстојниот референдум, нагласувајќи оти од тоа зависи европската интеграција на земјата. Тие денеска на прес-конференција во Скопје напоменаа дека спорот е препрека за интеграцијата на земјата, бидејќи одлуките во Унијата се носат консезуално.

– Ако не се надмине спорот со Грција тоа значи дека и во иднина ќе го имаме истиот проблем. Знаете дека сите земји-членки треба да се согласат за да се донесе одлука. Имавте спор со Грција, сега постои можност тој да биде конечно решен и ќе бидеме многу задоволни ако тоа се случи. Ќе биде послесно за сите, да се забрзаат работите и затоа барам да кажете „да“ – рече Флекенштајн, одговарајќи на новинарско прашање на што доколку референдумот не успее.

Кукан осврнувајќи се на истото прашање рече дека не размислуваат на план Б.

– Не размислуваме за план Б. Размислуваме за план А, дека резултатот од референдумот ќе биде позитивен и ќе го отвори патот на Македонија кон ЕУ – се надоврза Кукан.

Двајцата европарламентарците претстојниот референдум го означија како историски момент, со кој се отвора можноста позитивно да се влијае врз европските и евроатлатнските аспирации на Македонија.

– Граѓаните да земат учество на референдумот и да го искористат своето право да гласаат поради важноста што ја има овој референдум – рече Кукан и додаде тие имаат целосно право да бидат информирани за тоа какво влијание ќе има нивниот глас.

Кукан нагласи оти уставно право на секој граѓанин е како ќе се изјасни и додаде дека одлуката е на граѓаните на Македонија.

Флекенштајн истакна дека исходот од референдумот ќе ја одреди иднината на земјата, на граѓаните, семејствата, идните генерации.

– Ве замолувам одете и гласајте, не кажувајте дека не ви е грижа. По 27 години имате шанса следната година да почнете преговори со ЕУ – нагласи тој.

Кукан напомена дека освен референдумот за интегрирањето во ЕУ Македонија мора да испорача и видливи резултати, со што на Европската комисија ќе и се овозможи да препорача датум за почеток на преговорите.

– Општите правила важат за сите, за секоја земја-кандидат и вообичаено заклучоците секогаш се темелат на реалните резултати, кои ги испорачува земјата. Во последната одлука на Европскиот совет се вели дека Македонија и Албанија добро напредуваат и доколку продолжи ваквиот развој на настаните сметаме дека во јуни следната година ЕС може да донесе позитивна одлука – нагласи Кукан.

Тој всушнот одговори на новинарско прашање во врска со тоа дали претстојните избори за Европскиот парламент, во мај следната година би влијаеле врз одлуката за почеток на преговорите.

– Сметам дека тоа нема драстично да влијае на идните случувања. Идните заклучоци ќе се темелат на тоа како вие ќе ги исполните вашите домашни задачи – додаде тој.

Флекенштајн се надоврза дека референдумот е важен, но оти реформите се исто така мошне битни.

– Сакаме да го забрзаме процесот и тоа значи оваа Влада треба да испорача реформи, од друга страна потребно е и ние да ја сработиме нашата домашна работа, да ја реформираме ЕУ. И нашите гласачи се плашат дека Унијата нема да може да функционира со уште членки, доколку не се реформира. И ние треба да се подготвите за заедничката иднина – додаде тој.

Европарламентарците изразија задоволство од подготвеноста за учество во процесот Жан Моне од страна на сите парламентарно претставени политички партии. Посочија дека следната рунда на дијалогот е планирана за декември и јануари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...