Корупцијата останува, оправданијата се тенчат

892

Изгледа никако не ни оди да создадеме институции и закони што ќе ја манифестираат решителноста на Македонија да се справи со корупцијата. Неодамна имавме еден непријатен извештај од Групата за борба против корупција при Советот на Европа (ГРЕКО) во кој остро се критикуваат македонските институции и Владата поради неуспехот да спроведат дури 14 од вкупно 19 препораки. Колку што ми е познато, Министерството за правда подготвило две верзии на Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Минатиот пат, пишував за уште еден предлог закон за кој експерти за борба против корупцијата тврдат дека е далеку поусогласен со препораките на ГРЕКО отколку и двете верзии на Правда.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ни во едната од двете верзии на предложениот антикорупциски закон не предвидува јасни истражни постапки како дел од ингеренциите на Државната комисија за спречување на корупцијата. Тоа е онаа истата комисија што веќе предолго време нема членови, односно работи само административниот дел. Затоа, пак, во тој предлог законот детално се регулира потребата на ДКСК да спроведува истражувања на јавното мислење за нејзината работа. Тоа е истата државна институција што нарачуваше истраги, инспекции, финансиски полиции против неистомислениците на режимот на Груевски, а ги држеше очите цврсто затворени за тешките криминали на власта. Сега, „обезглавени“ со месеци, чекаат на закон од кој, некако „мистериозно“ исчезнува истражната димензија на ДКСК. И многу други нешта…

Финансирање за (не)зависност

Финансирањето на ДКСК мора да се уреди на тој начин што ќе работи независно од власта, да води постапки за контрола на финансирањето на политичките партии од јавните пари, а особено од непознати извори на средства. Важна е и функцијата на ДКСК да врши детална проверка на пријавите за имотна состојба на функционерите. Сепак, како што ме информираат експерти за антикорупција, во предлог законот на Правда останува можноста и УЈП, по сопствена иницијатива, да спроведува постапки за проверка на имотната состојба. Со тоа се дуплира надлежноста за проверка на имотната состојба, па оди фати му го крајот на тоа префрлање на топката. ГРЕКО е јасен, тоа треба да биде во надлежност на ДКСК: „Да се воспостават соодветни правни, институционални и оперативни мерки кои ќе обезбедат попродлабочено испитување на изјавите за интереси и анкетните листови поднесени од страна на членовите на Собранието, судиите и обвинителите, особено со реструктурирање на процесот на верификација под водство на ДКСК.“

Иако на ДКСК ѝ се дава надлежност за контрола на финансирањето на политичките партии, сепак, останува нејасно како ова ќе го спроведува, со оглед дека на Државниот завод за ревизија (ДЗР) веќе му се определи позиција на централно тело за следење и контрола на финасирањето на политичките партии и изборните кампањи. Кој кого контролира и што ако овие две институции дојдат до различни резултати од работата на ист предмет? Ќе се прифатат ли заклучоците на онаа што „помалку боли“?

Фали само уште слика?

За првиот предлог на антикорупцискиот закон на Правда, слушнав коментари дека е напишан така што „фали само уште слика на тие што се фаворити за позиции во ДКСК“. Новиот предлог на Правда за тоа кој може да биде избран како претседател или член на ДКСК е малку „поиспеглан“, но сѐ уште е прилично нејасен и овозможува номинирање лица што во своето портфолио имаат некое насловче на проект за добро владеење или антикорупција, што не мора ни оддалеку да значи дека биле вистински успешни и релевантни. А може да конкурира и некој со 8-10 годишно искуство во угостителството, на пример… Што може да биде шармантно, но колку ќе ѝ заврши работа на државата која, нели, сака да се бори против корупцијата, останува непознато.

Привилегии и бенефиции

Членовите кои допрва треба да се избираат, според (сѐ уште недонесениот) закон, ќе имаат едно чудо привилегии и бенефиции, но сѐ уште недоволно јасни се одредбите за тоа како ќе се заштитат работничките права на административниот дел на ДКСК. За евентуалните притисоци и закани врз членовите или администрацијата на ДКСК нема доволно јасна законска заштита. Но, кому му треба таков луксуз, да се обезбеди ДКСК од влијанија?

Корупцијата во светот и кај нас е динамична и комплексна појава. Тоа бара постојано да се трага по добри дефиниции што ќе овозможат ефикасна борба против корупцијата и судирот на интереси. Во македонските закони честа е појавата на „исчезнување“ на ставки што се однесуваат на изрекувањето мерки и санкции против лошите практики, корупцијата и судирот на интереси.

„Природни“ непогоди и приврзоци

Се сеќавате? Во Правда имаше пожар, а потоа и поплава. Што сѐ исчезна во тие „природни“ непогоди? При посета на Правда, може да се почувствува мирисот на изгорено, понекаде и мемла. Но, јавноста нема вистинска претстава (попис) за загубите.

Да се потсетиме и на препораката на ГРЕКО „да се обезбеди електронско доставување на податоци од анкетните листови“. Опремата во вредност од 600.000 евра, помош од ЕУ, останува спакувана во својата амбалажа во некое депо на Правда, иако Европската комисија веќе упатила опомена дека помошта ќе биде повлечена доколку не се стави во употреба час поскоро.

На кого (не) му одговара да се спроведат препораките за борба против корупцијата? Дали во прашање е неажурност, незнаење или намерно опструирање на процесите што ќе нѐ водат кон ефикасна борба против корупцијата?

Императив за Правда е да се спротивстави на секој, и најмал, обид да се ублажи и минимизира борбата против корупцијата што мора да се преточи во јасни законски решенија, не во создавање услови корупцијата да остане невидлива и да не остави ни малку простор остварување на лични афинитети и аспирации.

Криминалната клика на Груевски изврши децениски погром врз легислативата и правниот поредок, воопшто. Навистина, сложени и тешки се процесите за заздравување од тоа криминално лудило, поддржано од безброј тогашни и СЕГАШНИ приврзоци на власта, инсталирани во лавиринтите на институциите. Но, со секој изминат ден, оправданијата се тенчат.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...