Убиј со љубов

1159

На „бувљакот“ во Прилеп купив 3 пилиња за мојата малечка ќерка. Милина беа и ми се чинеше дека подобар дар не можев да ѝ купам. Ги ставив во шарена кутија и ги оставив во собата, „да ја чекаат“ да стане од спиење. Дај Боже секој тоа да го види со своето чедо. Мојата Фросина доби очи како филџани, а усните ги развлече повеќе од ширината на образите. Скокна од среќа, тресејќи ги рацете и не знаеше дали прво мене да ме гушне, или да ги земе пилињата в раце. Ги одбра пилињата, почна да ги гушка, да ги гали, пробуваше сите три да ги стави во исто време в рака, да… Довлечка секаква храна, почна и да ги храни со трошки, им дава имиња, кое е машко, кое женско, кое ќе биде петле, а кое коковче, кое пиле ќе му биде девојка на Кикиришко… Тој ќе ја будел рано, за да учи, оти ќе била одлична ученичка. Ние уживавме во нејзината радост и конструкции. Тоа беше празник на среќата. Сега ни е празник кога ќе си дојде од Холандија.

Но, да довршам со пилињата. Не помина ниту еден час, доаѓа и носи едно „угаснато“ пиле. Нормално, ние го видовме „болно“ и одма „отидов на ветеринар“, да му стави малечка инјекција – таман за пилиња. Се врткав во маалската кафеана, да помине време „за да појдам и да се вратам од ветеринар“, па се вратив. Ветеринарот го задржал пилето во болницата за пилиња – се разбира. Во кутијата гледам уште две „болни“ пилиња. Нормално и нив ги однесов на ветеринар и нормално, ветеринарот „и нив ги задржа“.

Фросе толку многу ги сакаше пилињата, што се отепа од плачење. Толку многу ѝ беа мили, што ги „уби“ од стискање, од галење, од хранење. Долго потоа кажувавме приказни, оти таа спремна чекаше со понадица, за да ги посети болните пилиња во болницата. На крај, кажавме дека ги преместиле во Скопје, во најубава болница за болни пилиња, а додека оздрават, ќе бидат петли и кокошки.

Подоцна донесов и кученце, кое го штитевме од нејзината љубов и од љубовта на останатите дечиња од маалото. Ова преживеа, оти „толку многу не го сакавме“, туку направивме како што треба.

Ваква е приказната и со Македонија. Патриотите започнаа да ја убиваат со неразумната опортунистичка „љубов“. Ја стискаат во себе, ја галат, се тепаат кој да ја поддржи, да ја „стави в скут“, да ја пофалат, величаат, да ѝ даваат содржини, кои никогаш ги немала и не ѝ личат; кои не може да ги носи на своето штуро телце. Македонија не е Германија, па ниту Србија или Бугарија, а доктор Апасиев никако тоа да го сфати. Македонија е, мала, иселена, раскарана, неука, уништена од „прекумерна грижа“ и тешкиот антички грб на градите, закован со шајки петнаески. Споулавена од пропаганда, манипулации и криминал. И од љубов и од љубовници, па последно нешто што ѝ треба е кршната става на докторов и неговата цврста прегратка, со која мисли дека ја држи за да не падне, а повремено ја тресе, за да биде будна и да сведочи за неговите подвизи, буновна од секакви лекарства, болна од дијагнози.

Македонија е кршлива како пиленце, а здравјето, сѐ послабо и послабо. Надворешно не беше многу изложена на ладно, на води и снегови, иако наместо грижливи кадри, оставивме пердувчињата да ѝ ги чуваат и негуваат мрзиви и неуки криминалци. Внатрешно, црви ѝ го колваа дробот, бактерии во сите „органи“, паразити во мозочето, сите дојдени од рацете, устите и носовите на тие кои ја галеа, милуваа и негуваа, кои ја поплукуваа да не ја урочат. Телцето здробено од премногу стискање од милост, деформирано до непрепознатливост.

Последниве душебрижници ќе ја однесат „на ветеринар“. Наместо да ја остават да одмори и да земе душа, тие ја облекоа во тренерки да потрча по националистичката алеја на смртта, по која ќе ѝ се бесат многубројни воодушевеници на вратот, ќе ѝ ги ставаат дебелите дечиња да ги поддржи, за да се сликаат со неа, за да можат да се пофалат кој последен се сликал со неа.

Ја тераат да трча и да прескокнува залегнати новинари и твитерџии, глумци и голопртки по патеката; да дебатира со злонамерни типови, кои ја мерат со пи…но влакно, те правници – силувачи, те егалисти – мафиози, те хуманитарци – црнокошулаши; ја опоменуваат – минутка, откако ќе заспие, да повторува дека не е северна; да заборави дека е болна и дека „органите“ слабо ѝ функционираат. Наместо лекови и одмор, добива „дијагнози“ и стероиди, во клиниката „маскенбал“, во која болните хиени се преоблечени во пилиња. Ја тераат да прави оди за нивните суети и интереси, во кои симболите на простотилакот и опортунизмот, мора да ги покрие со правничко – политичка обланда, за да не се налутат. Хиените – пилиња ги криват патоказите, за да дојде накај нив, одолжувајќи го патот.

… „Убиена од милост“: веројатно така ќе пишува во извештајот од ветеринарот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...