В недела, во рамките на 43. издание на Интернационалниот театарски фестивал, МОТ, ќе се изведува претставата „Неподносливот бескрај“, во режија на Франц фон Столхен. Претставата е на актуелна тема, „балканската рута“ за бегалци, за формирањето и бришењето на границите и за креирање на идентитетите.
Една од трите главни улоги во интернационалниот тим ја игра младата, талентирана глумица Наталија Теодосиева, наша соговорничка, која ни објаснува зошто вреди два часа да „потрошиме“ за да ја погледнеме претставата „Неподносливиот бескрај“.
Што е најинспиративното за публиката во „Неподносливиот бескрај“?
– Вистинските приказни. Дефинитивно. Интервјуата кои ги правевме со луѓето кои ги сретнувавме во селата, градовите, на автопатите, во камповите од Македонија, па сѐ до Австрија. Нивните приказни и сведоштва беа инспирација за 11-те монолози кои ја инспирираат и публиката да размислува за границите, идентитетите, национализмот и емпатијата.
„Неподносливиот бескрај“ е опишана како „хипнотички и длабок перформанс каде што документарното и фикцијата стануваат неодделиви“. На кој начин се неодделиви?
– Фикцијата и документарното во одредени општествени состојби прават неделива синергија, така што сликите од документарното, монолозите инспирирани од вистинските приказни и сведоштва, кои ние ги гледаме од дома удобно сместени, се болно надреални, дотолку што во нашиот мирен живот би било убаво да останат само имагинација. Такви биле, сѐ и ќе останат присилните миграции.
Какво е твоето лично искуство од работата на ваков интернационален проект?
– Проектот беше голем предизвик за мене, многу поразличен од сѐ што сум работела до сега, токму поради тоа што секој си го донесе својот креативен сензибилитет и став од таму од кадешто потекнува, секој со свој метод и принцип на работа, различни светови и сфаќања. Од друга страна пак, режисерот успеа да ја спои таа шареноликост во една, повеќеслојна претстава.
Какви претстави сака да види денешната публика?
– Претстави кои нема да ги потсетуваат на нивните лични или општествени проблеми.