Владимир Ѓорчев: Нема да гласам за уставните измени

3366
20151014 Wednesday 1347 Pregovori klub na pretenici rabotni grupi rabotna grupa vlatko gorchev gorcev vmro

Нема да гласам за уставните измени за промена на уставното име на Република Македонија, напиша Владимир Ѓорчев, пратник на ВМРО-ДПМНЕ на својот профил на Фејсбук.

„Македонија е мојот идеал и вечна љубов. Тоа е емоција и кауза што не поминува.

Јасен е ставот на народот, гласачите и членството против најавените измени за промена на уставното име на Република Македонија. И народот, и гласачите, и членството.

Очигледни се притисоците и недемократските постапки на власта на СДСМ во кампањата за референдумот, кои секојдневно се засилуваат, особено во локалните средини. Сето тоа дополнително го компромитира и проблематизира резултатот и демократскиот карактер на претстојниот референдум.

Секако дека Македонија треба да биде членка на ЕУ и НАТО. Македонија тоа одамна го заслужува, а ВМРО-ДПМНЕ беше првата партија во независна Македонија која ги промовираше евро-атлантските интеграции. Членството на Македонија во НАТО и ЕУ, заедно со стратешкото партнерство со САД, остануваат приоритет на нашата надворешна политика.

Во делот на предложениот договор со Грција, факт е дека Македонија е соочена со лош договор, а граѓаните и македонскиот народ се најмалку виновни за тоа. Тоа е вина и одговорност на власта на СДСМ, која силно ги наруши, влоши и сруши македонските позиции.

Овој договор носи големи ризици во иднина да отвори уште многу прашања, наместо да резултира затворање на отворените прашања. Дополнително, во иднина се отвора простор за нови и нови тековни блокади кон Македонија.

Исто така, референдумското прашање е манипулативно затоа што огромното мнозинство граѓани се „за“ членство во ЕУ и НАТО, но се „против“ непринципиелните обврски што се наметнати за Македонија и македонскиот народ.

Голем проблем и манипулација е што со денови, недели и месеци не се соопштуваат конкретните уставни измени, така што граѓаните не знаат и не можат да видат за што конкретно се бара нивното изјаснување.

Од сите тие причини, јас како пратеник во законодавниот дом на македонската држава нема да гласам за најавените уставни измени.

Македонската кауза не запира. Тоа е кауза за која вреди да се работи и живее.

Да живее Македонија! Нека е вечна, слободна и независна“, се наведува во објавата на Ѓорчев на Фејсбук.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...