Веднаш да се пронајдат хејтерите што му се закануваат на Митко Јанчев!

МВР и министерот Оливер Спасовски имаат обврска со нагласена агилност да го заштитат потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тој е втор човек на водечката опозициска партија и затоа што собра храброст јавно да демонстрира личен став.

6451

Претерувањето е дел од нашиот менталитет. Па така, што би рекол мојот пријател Велија, деновиве се претера и со емитувањето изјави на познати јавни личности, во прилог на референдумот. Хиперпродукцијата на тие пораки ги девалвира оние најважните, „најтешките“, оние од личности кои изразувајќи го личниот став да се излезе на референдумот, доаѓаат во конфликт со организациите и со структурите каде што припаѓаат.

Таков е примерот на владиката Пимен, кој се приклучи на кампањата за референдумот и јавно се изјасни дека ќе гласа „за“, наспроти ставот на МПЦ, која ја следи реториката на ВМРО-ДПМНЕ. Пимен сега е изложен на жестоки напади и клетви, иако, објективно гледано, ставот на клерот во Македонија никогаш не бил особено значаен за политичкото определување на народот.

Во оваа смисла, апсолутно најзначајна беше изјавата на Митко Јанчев, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Прецизноста налага да се каже дека Јанчев не кажа дека треба да се гласа „за“ (тоа од него и не се очекува), но наспроти ставот на раководството на партијата, тој безрезервно се изјасни за тоа ВМРО-ДПМНЕ да го повика народот да се изјасни на референдумот. Е тоа беше изјавата што светските лидери ја очекуваа од лидерот Христијан Мицковски и – не ја дочекаа.

После својата храбра изјава, младиот и способен бизнисмен, сега градоначалник на Кавадарци, се соочи со канонада од говор на омраза на социјалните мрежи, но и со отворени закани од лица кои и не кријат дека се блиски до Руската амбасада во Скопје. Јанчев добро сторил што заканите ги пријавил во полиција. Апелирам во неговиот случај МВР и министерот лично да демонстрираат нагласена агилност, за да се откријат хејтерите и заканувачите. Тоа е неопходно, меѓу другото и затоа што под атак е потпретседателот на водечката опозициска партија.

Миткота Јанчев не го познавам доволно добро, за да судам за неговите политички погледи. Имав прилика да го запознам и ми остави првичен добар впечаток. Но, веќе го чувствувам близок по неговата решеност да мисли со сопствената глава и да демонстрира лична храброст (толку ретки човечки доблести во водствата на нашите политички партии). ВМРО-ДПМНЕ треба да се радува што во своите редови има човек со таква нагласена индивидуалност, а сепак со чувство на лојалност и кон партијата и кон она што се нарекува елементарен „куќен ред“ во еден таков организам.

На господинот Јанчев му посакувам во овие денови да остане доследен, но и спокоен. Сигурен сум дека неговиот став го споделуваат не само мнозинството граѓани на оваа земја, туку и мнозинството членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои посакуваат партијата конечно да се консолидира, да застане на свои нозе и да тргне по магистралата што води кон обединета Европа.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...