Со затворањето на повеќедеценискиот спор за името со нашиот јужен сосед пред Македонија се отвора голема шанса да стане дел од семејството на ЕУ и НАТО. На тој начи преку стекнување поголема стабилност и безбедност ќе се овозможи прилив на нови странски инвестии, отворање нови работни места, поголем раст на платите и БДП, порача од Кочани претседателот на НСДП Тито Петковски од средбата со раководствата на општинските организации на партијата.
Тој потсети дека речиси сите влади досега преговарале за името, но никој досега немал храброст со тоа решение да се оди до крај.
– ВМРО-ДПМНЕ постојано заговараше за ова прашање да се спроведе референдум и сега кога некој реши да ги послуша нивните повеќегодишни заложби истите тие повикуваат за бојкот, со што не ѝ мислат добро на својата држава – рече Петковски.
Потпретседателот на партијата и потпретседател на Собранието Горан Мисовски, изрази оптимизам за успешноста на референдумот.
– Интензивните средби со граѓаните, разговорите и размената на мислења со нив ми дава за право да речам дека граѓаните на Македонија ги разбираат придобивките од решавањето на спорот за името со Грција. Станува јасно дека поддршка е голема, Истокот го препрознава историскиот момент и подготвен е да даде позитивен одговор на референдумското прашање – рече Мисовски, притоа истакнувајќи дека поддршката што ја имаме од целиот западен свет е поголема од кога било и не смее да се пропушти оваа можност.
Според Мисвоски, тоа што ВМРО-ДПМНЕ нема јасен став е штетно за државата, а повиците за бојкот, кои доаѓаат од одредени маргинални политички кругови, се неодговорен и антидржавен чин.
– Од ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржеа договорот ако им се дадеше амнестија. Како што беше додека беа на власта, така е и сега, своите лични интереси ги ставаат пред државните – рече Мисовски.