„Франкфуртер алгемајне цајтунг“: Што ако референдумот не успее? 

1445

Ако на претстојниот референдум Македонците го отфрлат постигнатиот компромис за спорот за името, нивното влегување во ЕУ и во НАТО ќе биде блокирано за подолг период. Тоа е она што Москва го сака, и затоа очигледно се меша во Македонија, пишува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ).

„Русија нема особено да се вознемири од предупредувањето на американскиот министер за одбрана Џејмс Матис да не се меша во Македонија. Бидејќи за Москва залогот во оваа земја е многу голем: ако на референдумот на крајот од овој месец тамошните граѓани го отфрлат постигнатиот договор со Грција за името, натамошното приближување на Македонија кон НАТО и ЕУ ќе биде блокирано за долг период“, наведува ФАЦ во анализата за состојбата во Македонија во пресрет на рефрендумот на 30 септември, пренесува МИА.

Весникот оценува дека по пропаднатите напори на Москва да ја спречи Црна Гора, евентуалното отфрлање на договорот за името на претстојниот референдум во Македонија, ќе значи успех за руските планови – да се спречи натамошното проширување на НАТО на Балканот.

„А Москва ќе продолжи во истиот дух – како до пред промената на власта во Скопје минатата година кога ја поддржуваше тогашната авторитарно-националистичката власт во Македонија, која подгрева антизападни расположенија и ја доведе земјата до изолација. Затоа е важно активностите на Москва во Македонија да бидат именувани со нивните вистински имиња. Но, уште поважно е тоа што водечки политичари од ЕУ, вклучувајќи ја и канцеларката Меркел, го направија во последните недели при посетата во Македонија: се обидоа да ги отворат очите на македонските граѓани за големата корист која ќе имаат од решавањето на спорот за името“, наведува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...