Кога ќе заврши целава работа околу референдумов и правната имплементација на договорот од Преспа – а јас мислам дека процесот ќе заврши успешно – сите ние пак ќе си бидеме Македонци. Така пишува и во договорот, Македонци од Република Северна Македонија. Само Ристо Никовски ќе стане Северномакедонец!
Имено, доследно на неговата теза дека новото компромисно име на државата подразбира целосна промена и „ништење“ на името на нашата нација, на нашиот јазик (друг пат ќе ни објаснел за јазикот) и на сите други придавки поврзани со нашиот национален идентитет, ако референдумот успее, Никовски на 1 октомври ќе биде со една ипол нога Северномакедонец. И тоа по сопствено, слободно убедување.
Во ред. Тоа е тоа. Јас не можам да му помогнам. Односно, да го цитирам Христијан Мицкоски, кој сум јас да му кажувам на Ристо Никовски, а и на сите ристониковци во оваа земја и во дијаспората, кои се, што се и што ќе бидат во иднина?
Согласно со неговите „аргументи“, со кои полемизира со мене на страниците на „Слободен печат“, Ристо Никовски никогаш и не бил Македонец. Никогаш!
Поголем дел од својот животен и работен век, Никовски го поминал како државјанин на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, чиј составен дел била Социјалистичка Република Македонија. Тоа значи дека Никовски бил или Југословен или евентуално некаков „социјалистички“ Македонец. Како и да е, според неговото разбирање на идентитетот, мојот ценет соперник од дебатите, во тој период, никако не можел да биде Македонец.
Тогаш Никовски имал црвен, југословенски пасош. Како и јас, како и многу читатели на моја возраст и повозрасни од мене. На насловната страница на тој пасош пишуваше „СФРЈ“. Внатре пишуваше нешто друго, нешто за нашата националност, ама тоа за Никовски не се важи. Според пасошот, значи, Никовски сепак мора да бил Југословен.
Не бил Ристо Никовски асли Македонец ни од осамостојувањето на нашата земја до денес. Како меѓународно признат и легитимиран субјект, оваа држава никогаш не се викала Република Македонија. Не, таа е призната во ООН под провизориумот Поранешна Југословенка Република Македонија (ФИРОМ) и тоа „привремено име“, доследно на тезите на Никовски, е нашата идентитеска ознака безмалку три децении. Според тоа, во овој период, Никовски бил Фиромец.
Како дипломат, еден период Ристо Никовски ја претставувал СФРЈ, а по осамостојувањето, бил дипломат на ФИРОМ. Според неговото сопствено убедување, човекот никогаш не бил македонски дипломат! Па тоа е страшно…
Јас, се разбира, не мислам така. Ама немам намера да се расправам со Никовски. Веќе ми здодеа да се убедуваме во она што е очигледно, а тоа е дека договорот од Преспа нашата националност и нашиот јазик експлицитно ги именува како македонски. Впрочем, затоа и противниците на договорот во Грција ги обвинуваат Ципрас и Коѕијас дека ни го „дале“ македонскиот идентитет.
Директно значи, јас тврдам дека Ристо Никовски секогаш бил Македонец! Дури и тогаш кога имал југословенски пасош и кога бил југословенски дипломат. И тврдам дека ќе си остане Македонец и откако и конечно правно ќе се оснажи договорот од Преспа и кога нашата држава ќе се вика Република Северна Македонија.
Но, пак ќе речам, кој сум јас на господинот Никовски да му кажувам што бил и што ќе биде во иднина?
Ние ќе се бидеме Македонци, него ќе го есапиме за Македонец, а тој може слободно да си се чувствува и да се нарекува Северномакедонец, навечер да си гледа СМРТ (така, според него, ќе се нарекувала Македонската радио телевизија – патем речено, името баш одговара на реалноста) и можеби да се надева еден ден да влезе во АНУСМ. Ова последново е новото име што тој ѝ го додели на МАНУ.
Значи, кој е и кој ќе биде Ристо Никовски? Со извинење, баш ме заболе! За тоа ли сега да се секираме?