Иванов цврст пред Пентагон, иако соопштенијата му омекнале

1426

Ни средбата со државниот секретар за одбрана на САД, Џејмс Матис, не го промени ставот на шефот на државата Ѓорге Иванов, потврдија за Плусинфо од Кабинетот на претседателот.

Дилемата дека можеби Иванов омекнал во позициите за Договорот од Преспа во јавноста се отвори откако шефот на државата во соопштението по средбата со првиот човек на Пентагон ниту збор не кажа за Договорот. Претходно, Иванов при средбите со странски претставници освен заложбите Македонија да стане членка на НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ, неизоставно ја потенцираше својата позиција дека Договорот за името е неприфатлив.

Освен во официјалното соопштение по средбата со Матис, Иванов не го спомена Договорот ниту по состанокот со италијанската министерка за одбрана, Елизабета Трента.

Од Кабинетот на претседателот вчера ни повторија дека ставот на Иванов во однос на договорот не е променет.

– Ставот на претседателот Иванов е дека стратешка цел на Република Македонија е членство во Европската Унија и во НАТО Алијансата, но и дека ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор со кој се отвораат многу повеќе прашања, одошто се затвораат. Овој став претседателот Иванов го изнесе и на вчерашната средба со американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис – велат од Кабинетот на претседателот.

Од таму нема појаснување зошто Иванов по средбите со Матис и Трента прв пат во соопштението не ја наведува позицијата за Договорот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...