Претставува вистинска чест присуството на нашите меѓународни пријатели и добронамерници, чија поддршка во овој период е недвосмислена и претставува важен поттик и охрабрување за граѓаните, во нивната одлука да ја поддржат европската перспектива на земјава“, рече вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи по средбата со делегација од Европскиот совет за надворешни односи предводена од Норберт Ротген, претседател на Комитетот за надворешни работи на Бундестагот која е во посета на нашата земја.
– Граѓаните ја сфатија сериозноста на оваа одлука, а со приближување на денот на одлуката, поддршката за евроатлантската перспектива на земјава расте сѐ повеќе. – Очекувам зрело однесување и од сите релевантни политички претставници во земјата, кои очекувам дека нема да ја пропуштат оваа неповторлива шанса за да ѝ помогнат на сопствената земја и на сопствените граѓани, во исполнување на нивната аспирација за членство во ЕУ и НАТО – рече Османи.