Општеството е под силен стрес. Игранката е многу поголема отколку што тоа се чини на прв поглед. Разврската од сите интриги, тајни и помалку тајни операции на тлото на нашата земја, допрва ќе ја покажат сета ладнокрвност на политиката што си поигрува со најемотивните теми.
И тоа поигрување, без оглед на плановите исцртани во разни кабинети, на теренот е толку гнасно и евтино, што нема веќе никаква возбуда во соочувањето и во борбата на мислења. Од „другата страна“ нема постапки својствени на мислењето. „Другата страна“ и ја нема. Таа е прикриена во месни комитети што работат по диктат на своите врхушки што, пак, пред странците и јавноста декларираат нешто сосема обратно. Ја нема, а гласна е. И гнасна е.
И оние „првите“, со сета можна поддршка од очигледно најголемото мнозинство собрано било кога, што ја добива сета најблескава поддршка што може да се замисли и од странство, но шета со калливи кондури по дома…
И „третата страна“, сите што се изнервирани и разочарани, чии надежи пропаднаа, чие место во општеството не е обезбедено, а им припаѓа. Тие што слегнаа со рамената и рекоа дека во Македонија нема никогаш ништо да се смени. Голем дел од нив се свесни дека, сепак, референдумот навистина ќе ја приближи Македонија до Европа, други, дека ќе стане полесно да му ја „дувнат“ од тука, трети, дека ќе има „троа појќе шушки“, за да се проживее животот. Дури и најнаивните знаат дека ќе биде подобро ако Македонија се интегрира во евроатлантските структури. Дури и руските платеници се меѓу нив и се надеваат дека ќе доживеат неуспех.
Разговарав со стотици луѓе изминативе неколку недели. Ме растажува што гледам дека на многумина од нив им е сеедно. Сѐ што се случи до сега и сѐ што се случува сега, кај многумина, едноставно, ја уби секоја потреба од уживање во животот и во било какви придобивки. Апатија…
Најинтересни, најживописни и најгрди, сепак, се оние што гледаат да ќарат нешто од сево ова. Профитери. Политички поени, лечење фрустрации, пари, популарност… АМНЕСТИЈА… било што. Нив ги има во сите категории и на сите нивоа. За нив, во првата наредна прилика…
И мразачите, на некој начин ги доживувам како да ми се први комшии. Им ги знам и имињата, лажни и вистински, знам што ќе напишат во своите глупави коментари, сѐ. Искрено, ме радува што се сѐ помалку. Кој им е крив? Решиле да го одберат најлесното – да бидат прилично глупави и да се оддадат на онлајн дивјаштвото затскриени зад лажни профили, а по дома и на работа да бидат како кутриња, тивки и добри домаќин(к)и.
Можеше оваа наша Македонија многу подобро. Оваа мала земја можеше да го покаже и убавото лице на политиката (замислете, го има!), а овој процес на спријателување со соседните нации, со светот и со подобрата иднина, да биде поубав и повесел, достоинствен… Но, многу отров има на Балканот, многу од тоа се слеа во нашите умови и срца во крвавата игра шах на големите играчи и организираните криминалци што инвестираа во најпрофитабилниот бизнис – политиката. Нивната ладнокрвност е чудовишна. Можете вие да се пените колку сакате, зад невидливиот ѕид стојат студените очи на стратезите што ги влечат потезите.
Единствениот начин да ги натерате да затрепкаат и да направат гримаса на своите изрази како од камен е да застанете зад параванот во избирачкото место. Тогаш, математиките може да се променат. Убеден сум дека нема(ше) потреба од толку врева. Луѓето си знаат. Демократијата успева само кога се практикува. Апстиненцијата од гласањето е апстиненција од демократија. Тоа е моето скромно мислење, со сета почит кон сечија одлука, ако е заснована на став без страв.