Дека, дека, дека… криминалот најмногу се исплати!

2450

Демисијата на ВМРО-ДПМНЕ од она што може да се нарече сериозна политика, меѓу другото, ги направи политичките пребези многу „евтини“. Секој ден по некој прононсиран поддржувач и соучесник (може и во женски род) во начинот на кој владееше Фамилијата, спектакуларно „ја менува страната“ и се пријавува на списокот на СДСМ со поддршка за евро-атлантските интеграции. Претпоставувам дека наредниве денови такви трансфер-изјави би можеле да очекуваме и од редовните планинари по скалите пред Кривичниот суд, иако таму многу од обвинетите можеа да бираат за која страна ќе „заиграат“ уште на првите распити во СЈО. Ама тогаш уште им веруваа на храбрењата да издржат и да молчат, оти кај и да е, само што не се вратиле на власт.

При тоа, „новиот“ политички избор на „нововернициве“ не им е ни тежок, бидејќи иако до вчера ги поддржуваа, ги употребуваа и дебело профитираа од методите и тоталниот опсег со кој владееше Фамилијата, денеска комотно изјавуваат дека само НАТО и ЕУ се иднината за Македонија, дека Договорот од Преспа е одличен и единствениот можен начин за евро-интеграција, дека новиот лидер е совршен и незаменлив и дека ним отсекогаш општата добробит на Државата и Нацијата им биле приоритет во животот. Милионите им се споредни, ама ете, некако се случиле.

Ах тоа СЈО! Тој радар во магла, тој читач на мисли, тој рендген за откривање најтешки болести, тој правен лек и морален коректив за сите локални битанги кои се надеваат дека обемот за преслушување е преголем, дека делата ќе застарат, дека ќе се изгубат во преводот, дека не се приоритет, дека има место за преговори, дека ќе раскажат и тоа што го нема на лентите, дека Заев ќе ургира, дека инвестицијата во скапите адвокати ќе им се исплати, дека се премногу интелигентни за да ги стигне правдата, дека на време донирале, дека ги штити некаков купен имунитет, дека и некоја црква изградиле, нечие лекување помогнале, а и дека овој и оној амбасадор се на нивна страна, малку ли се испило и спонзорирало низ годините, вечерите, бизнисите и приемите!

Сосема е можно нешто од овие „дека“ и да им упали. Ова, со НАТО и ЕУ, е неизвесен процес низ кој треба да стигнеме до правната држава, а патот е долг и полн со свиоци зад кои не се гледа следната угорнина или тунел низ кој ќе треба да се помине. Ниту автобусот во кој се труцкаме ни е од поновите, ниту навигацијата ни е совршена, а и патниците се една збирштина, како од легендарниот „Ко то тамо пева“, немаат сите ни платени билети и, воопшто, седи кој кај сака! На возачот и „совозачите“, пак, им е најбитно да стигнеме на целта, немаат време да се занимаваат со тоа кој каква песна свирка и пее по патот…

Сакам да кажам, чувајте нерви од нови разочарувања, оти овдека правдата не само што е спора, туку често знае да биде и недостижна, наспроти она што го велат поговорките и содржината на фрлените клетви. Нема гаранција дека сите ќе одговараат за криминалите и злоделата и покрај, да речеме, искрените намери и желби на оние кои треба да ги гонат.

Впрочем, во оваа држава криминалот, сè уште, е дејност што најмногу се исплати.

 

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...