ОБНОВЕНО МВР: Ристиќ одбила алко-тест и била прошетана до Бардовци

1412

На булеварот „Илинден“ синоќа еден час по полноќ во близина на Владата лицата И.Р.(43) од Охрид и В.Р.(32) од Скопје, го нарушиле Јавниот ред и мир на тој начин што викале на висок тон и дрско и непристојно се однесувале.

Лицето И.Р. од полицискиот билтен е актерката Ирена Ристиќ, која за овој случај и самата се огласи на Фејсбук.

Според соопштението на МВР, Ристиќ одбила да и се направи алкотестирање, па била однесена во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ за да и се земе крв и урина за анализа. Од полицијата тврдат дека таму одбила да даде крв, по што била однесена во Психијатриската болница – Скопје во Бардовци за добивање на мислење од стручно лице врз основа на надворешните манифестации и симптоми на лицето. После тоа, И.Р. била вратена во Полициската станица Центар и во 04.30 часот била ослободена (целото соопштение од МВР подолу во текстот).

Таа на Фејсбук се огласи дека била да ги мете пикавците покрај Владата и реагираше на односот на полицајците спрема неа.

„Ме пикнаа у комбето кое у секунда се створи пред Влада, ме развозуваа од Беко до Бардовци и назад и ме тормозеа као кај мене да се петте украдени милијарди и решенијата на сите нивни приватни и професионални проблеми. Ниту еден, значи, ниту еден од полицајците не се легитимираше и не се претстави, а уште помалку најде за сходно да објасни зошто сум така третирана. Се изредија десетина. И мажи и жени.
Сите до еден беа груби и некултурни. Ми се обраќаа со „ма” и „мори”…“, напиша актерката.

Во целост соопштението од МВР:

„На 17.09.2018 година во 01.05 часот на булевар „Илинден“ во Скопје, во близина на Влада на Република Македонија, лицата И.Р.(43) од Охрид и В.Р.(32) од Скопје, го нарушиле Јавниот ред и мир на тој начин што  викале на висок тон  и дрско и непристојно се однесувале. Двајца полициски службеници им се доближиле и ги предупредиле за нивното однесување. Во тој момент, лицата почнале да ги омаловажуваат и навредуваат полициските службеници. И.Р. и В.Р. биле приведени во Полициската станица Центар за понатамошна постапка, поради сторени прекршоци против јавниот ред и мир. Кај лицето В.Р. (32) било утврдено дека е под дејство на алкохол, после извршено алкотестирање.

И.Р. (43) одбивала да и биде извршено алкотестирање и поради тоа била однесена во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ за да и биде земена крв и урина за анализа за присуство на алкохол. Таа, исто така, одбила да даде крв, по што била однесена во ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје, со цел добивање на мислење од стручно лице врз основа на надворешните манифестации и симптоми на лицето. После тоа, И.Р. била вратена во Полициската станица Центар и во 04.30 часот била ослободена.

На лицето В.Р. му било извршено алкотестирање и тој потпишал записник за присуство на алкохол во крвта, по што бил ослободен во 03.35 часот. Против лицето И.Р. ќе бидат поднесени прекршочни пријави по член 4 (Кој на јавно место со карање, викање или непристојно и дрско однесување го нарушува јавниот ред и мир ќе му се изрече глоба во висина од 100 до 400 евра во денарска противвредност) и член 13 (Koj омалoважува државен орган, односно омаловажува или навредува службено лице на државен орган или друга институција која врши јавни овластувања во вршење на службата ќе му се изрече глоба во висина од  600 до 800 евра во денарска противвредност. Ако службено лице од став 1 на овој член е полициски службеник на сторителот ќе му се изрече глоба 600 до 900 евра во денарска протввредност).

Додека, против лицето В.Р. ќе бидат поднесени прекршочи пријави по член 4, член 6 (Кој на јавно место се оддава на пијанство или во пијана состојба го нарушува јавниот ред и мир ќе му се изрече глоба во висина од 100 до 400 евра во денарска противвредност) и член 13 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...