Кај ВМРO или кај СДСM ќе бидат запишани „бојкотерите“!?

Референдумот ќе се одржи и ќе помине. Дали Македонија ќе се најде на масата со најголемите и најбогатите или ќе остане во вековниот црн тунел, ќе се знае.

2179

Референдумот се наближува. Состојбата се повеќе „зоврива“. Сите се на терен. Не се бираат зборови. И едните и другите само како да знаат да плукаат, да навредуваат, да навредуваат, да пцујат. Добри се нашите, вашите не чинат! Човечкото, што постои кај секој, како да го зајкучиле. Како да не постои! Се караат како со вековни непријатели да биле! Референдумот па референдумот! Едните СДСМ, велат да се излезе и да се поддржи, другите пак ВМРО-ДПМНЕ, да не се излева, а ако некои „не послуша“ и излезе, да гласа против, ќе биде прогласен за предавник.

ВМРО, уште од почетокот, додадоа и нешто ново. Го додадоа зборот „бојкот“. За секој референдум тој збор не би требало да постои. Или си „за“ или си „против“. Ништо повеќе. Ќе се знае кои се за референдумот, а кој се против. Тогаш како ќе се знае кои се оние што бојкотирале!? Во која графа ќе бидат забележани!? Дали и оние кои поради оправдани причини, нема да излезат на гласање, ќе бидат ставени кај „бојкотерите“? Или дали сите оние што нема да излезат ќе значи дека се против референдумот и дали треба ВМРО да си ги „пише“ кај своите?

Како и да е. Оваа појава, иако за многумина докрај не е јасна, не е толку загрижувачка. Злобата на едните кон другите е поголема од сѐ. Човек, кога ги слуша како се навредуваат, како се надмудруваат, како лажат, како се пцујат, ќе рече и најголемите злобници такви зборови не си употребуваат кога се караат. А Македонци се бре! Ама поделени. Едните влечат на една, другите на друга страна. А за народот никои не мисли. Народот е добар сѐ додека го даде својот глас за овие или оние.

После, и едните и другите, го множат со нула. Како да не постои. А каде ќе постои кога за него нема место. Местата и убавите фотељи ќе ги земаат оние што сега се најгрлати. Така било од секогаш. Народецов добро знае и дека во тие фотељи, со години, седат сѐ исти луѓе. Само понекогаш си ги менуваат местата. Навидум, пред него, се караат, а кога се во прашања парите, во уста си плукаат. Знае сѐ народот, но нема што да прави!

Оние што ќе излезат и го поддржат референдумот СДСМ ќе си ги запише како свои. Оние пак што ќе гласаат против ќе бидат на листата на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе се знаат и оние што нема да излезат. Но, кој ќе знае колку се оние што „бојкотираат“ и на кого се? Нивниот став, нивното мислење, освен нив, никои друг не го знае. Тогаш на која листа, на онаа на СДСМ или на ВМРО, ќе бидат ставени?

Но, како и да е. Се чини дека само во оваа наша Македонија нема лек ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да си подадат рака и чесно да си дадат збор кој ќе го почитуваат. Сега велат дека и едните и другите се во право. Тоа е добро. Тогаш зошто плукање!? Зошто не се договорат и не излезат како добри браќа, роднини, комшии, другари, да гласаат и да кажат кои навистина е во право?

Референдумот ќе се одржи и ќе помине. Дали Македонија ќе се најде на масата со најголемите и најбогатите или ќе остане во вековниот црн тунел, ќе се знае. А дали Македонецот со Македонецот ќе најде простување и дали ќе ја биде Македонија е, за тоа само Господ знае!?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...