Не е сосема јасно што сака Мицкоски. Целосно ја утна темата. Ако политиката не му е силна страна, што стана очигледно од првиот ден кога излезе од анонимноста, тогаш барем академската доследност требаше да ја негува. Но, ништо. Човекот не знае ни тема да одбере прописно и да ја истера како што треба. По капитулацијата што самиот си ја потпиша пред само неколку дена, како ништо да не се случило, тој сега само ја продолжи бесмислената кампања со утната тема, по нокдаунот што самиот си го зададе.
Без аргументи, но затоа со торба полна со спинови, извртени тези и старомодни, патетични пароли, тој тргна во поход низ селата и градовите низ Македонија што засилено се опустошуваа изминатите десетина години. Не дека беше многу поарно и порано, но главниот удар оваа земја го претрпе во со владеењето на неговата партија. Кој, пак да потсетам, цело време се залага за референдум. Зошто? За да го бојкотира?
Спинот и извртените тези со кои се служи во своите настапи по разни ќошиња од земјава е класична навреда за интелигенцијата на луѓето. Зборува за Заев и за владата на јазик што го ископирал од нашите говори, анализи и колумни. Ајде, да го занемариме тоа, видовме многу плагијати овие години. Зборува за судство што Фамилијата сѐ уште го диктира (ќе ви пишувам утре за тоа). Со кое лице? Одеднаш прогледал, па видел траур, чемер и јад во земјата што ја газеа 11 години. Не дека владата е за фалење, но нападот на Заев и неговата влада го користи (злоупотребува) за да го протне бојкотот на референдумот на мала врата. Тој очигледно заглиби со двете нозе и со двете раце во калта на бојкотот, извалкан со омраза и црна пропаганда – слугинска кампања за туѓи кремлински дворови. Луѓето тоа го гледаат, не се ни глупави, ни наивни. Гледаат и колку и како работи владата, но знаат дека референдумот е сосема поинаква, натпартиска приказна.
„Ако водам, следете ме. Ако се двоумам, поттурнете ме. Ако ве предадам, убиј ТЕ ме – Христијан Мицкоски“ – е „генијалниот“ цитат што го напишале ликови што живеат во кошмарното минато полно со пиштоли, ками, библии, крв и убиства, а не научиле да пишуваат и говорат на македонски јазик. Нека ми простат, ако ги навредам, особено заради нивната перцепција за тоа колку јас имам право да говорам на оваа тема, но мој јазик е (и) македонскиот и подобро го владеам од поголемиот дел од нив.
Мицкоски, со сите пари што ги има на располагање и со сета моќ што сѐ уште ја има Фамилијата, има добри шанси да ја дотепа партијата на чие чело е поставен на нелегитимен и недемократски начин. Тој намерно ја утна темата, затоа што не смее да се однесува поинаку, не смее да покаже зрелост, дури и да ја поседува, не смее да биде лидер, бидејќи е послушник.
ВМРО-ДПМНЕ бојкотира, иако пред само неколку дена ги „ослободи“ партиските членови да гласаат според сопствената совест. Бојкотира, иако Мицкоски пред дипломатите и високите државни претставници што го удостоија со неколку минути од своето време, преде како маче и ветува дека ќе биде добро момче… Бојкотира, а нема ниеден здраворазумски аргумент против референдумот, нема ниеден аргумент против ЕУ и НАТО, ниту еден ЗА Москва, ништо не може да каже против Спогодбата со Грција… Но, бојкотира. И води кампања што е предизборна. И повикува на ТВ дуел од позиција на лидер на партија што ги уби политичкиот дијалог и слободата на изразувањето во земјата.
За среќа по партијата, не сите во неа се согласуваат со политиката на формалниот лидер што повикува да го убијат, ако предаде некого или нешто. А што да предаде, кутриот? Единственото предавство што може да го изврши е да се истргне од канџите на Фамилијата. Сѐ друго ќе биде нормално, човечко однесување.