Писмо од еден Македонец кој се колеба дали да гласа

4422

Брат, гледам, ме повикуваш да излезам на референдумот и да гласам „за”. За НАТО и за ЕУ и за договорот од Преспа. Јасно ми е прашањето, де, да не се лажеме. Ама јас сепак се колебам…

Ти знаеш дека мене не ми се допаѓа оваа промена на името. Ич не ми се допаѓа! Знам јас дека не може Република Македонија. Ама, ми беше ветено дека нема да се менува Уставот. Ми беше кажано дека бараме замена за БЈРМ. Ми беа кажани многу нешта… И сега излезе поинаку.

Ти знаеш дека јас не сум сдсмовец. Никогаш не сум бил. Не сакам да гласам „за” само затоа што СДСМ вели така. Не сакам да гласам против ВМРО. Можеби сум симпатизер на ВМРО. Тоа не е забрането, нели? А можеби не сум ни едното ни другото. Важно ли е тоа, брат?

Ти знаеш дека сум неодлучен. Се думам. Да, не ми се допаѓа што ќе добијам лична карта и пасош со новото име на нашата држава – Република Северна Македонија. Ама, ете сфаќам, добро е тоа што името на националноста и на јазикот ќе ни останат македонски. И ние ќе си останеме Македонци. Нема две добра, знам. Не можевме да тепаме или да изгубиме со десет нула. Трговија. Го разбирам јас тоа.

Не сум јас глупав, така да си знаеш. Не сум решил да гласам (сѐ уште не), ама не сум слеп при очи и гледам дека во Македонија на гости ни дојде цел Запад, сите лидери, да не убедуваат да гласаме „за”. Знам јас што значи тоа. Запад не запишуе. А јас не мислам во Русија да одам на гурбет, ни корења да јадам овде дома, во оваа наша вукојебина. Знам дека се мора кога се мора.

Ама пак некако мака ми е… И затоа не сум кандисал. Уште не.

Гледам, тебе тоа те нервира. Ти ме повикуваш да излезам и да гласам „за”, па потоа велиш дека ќе сум бил против законот ако бојкотирам, дека ќе сум станел предавник, дека не сум бил патриот, дека можеби имам бугарски пасош (па што, бе, ако имам?!), дека не сум бил одговорен кон своите деца и внуци и дека уште сум бил и глупав и ненормален.

Алооооо! Кочи малку! Што мислиш дека правиш?!

Па ти вака ли ме каниш на референдум? Да не сакаш тебе да ти ги оставам децата и внуците на чување и воспитување? Можеби ќе ги убедиш дека татко им или дедо им е ненормален и предавник…

Зошто ме караш, брат? А? Зошто ме мразиш? Наречи ме ненормален и јас за инает бе нема да гласам! И што правиме после? И двајцата ќе јадеме корења, така да си знаеш. Ебати логиката!

Јас се убив од думање, ама ај и ти размисли малку, бива? Ај обиди се да ме разбереш. Да ми помогнеш да се одлучам. Ќе се убедиме некако. Оти ако не мислам како тебе, јас пак си ја сакам Македонија. Како и ти. И не сум ни лош ни ненормален.

Капираш ли ти нешто од ова или само се стрвиш?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...