Идолот на милиони тинејџери, Џастин Бибер и на неговата вереница Хејли Болдвин го кажаа судбоносното „да“.
Тие се венчале во четвртокот, само два месеци, откако Џастин и предложи брак на Хејли.
Нивната веридба беше изненадување како за фановите, така и за нивните семејства.
Тие беа во врска, но се разделија во 2016 година, по што многу брзо двајцата продолжија со нови романтични односи. Од пролетва тие се повторно заедно и се вљубени и многу среќни.
Интересното е дека дури и по нивната разделба во 2016 година, Џастин отворено изјавуваше дека сѐ уште ја сака Хејли.
– Не сакам да брзам и да започнам нешто ново. Што ако Хејли сепак е девојката со која ќе се оженам еден ден? Не сакам да бидам со друга и еден ден ќе морам да се справам со тоа. Таквите работи тешко се преживуваат – изјави во една прилика Џастин.
Извори блиски до познатиот пејач изјавија дека тој секогаш имал силни чувства кон Хејли и дека и двајцата се познаваат многу добро, па нивната свадба всушност не е непромислен каприц.
Џастин и Хејли наскоро ќе имаат и црковна свадба, најавија истите извори за „Пипл“.
Хејли наводно не сака голема и помпезна свадба, но има многу романтични замисли за настанот.
– Сакам насекаде да висат светилки. Би било многу убаво, ако се случи во шумата, ја пренесува „Пипл“ нејзината изјава.