СЈО: Судиите Зафировска, Вангеловски, Костова и Лаличиќ работеле по политички нарачки

854

Специјалното јавно обвинителсто во Посебниот извештај што го објави денеска наведува дека поранешната претседателка, а сега член на Судскиот совет, Александра Зафировска, претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, судијката во Вишиот управен суд, Светлана Костова и судијката од скопскиот Кривичен суд, Софија Лаличиќ постапувале несоодветно по директни политички нарачки, што е утврдено врз основа на прислушуваните разговори и смс-комуникаците што ги поседува Обвинителството.

– Неовластените прислушувања резимирани во овој извештај покажуваат интеракции помеѓу високи функционери во судството и членови на Владата на Република Македонија кои во основа ја поткопуваат судската власт. Неовластените прислушувања откриваат разговори во кои членовите на судството се откажуваат од својата независност и непристрасност за да ги унапредат интересите на владата или нивните сопствени интереси. Таквата комуникација несомнено дека остава простор за создавање на недоверба кај јавноста во целиот судски систем, стои во Посебниот извештај на СЈО.

Целта на поднесувањето на Посебниот извештај, како што велат од СЈО, не е единствено за да се документира минато несоодветно постапување, туку за ваквото несоодветно постапување да не продолжи да го поткопува владеењето на правото во Република Македонија и да ја попречува евроатланската интеграција на нашата земја.

– Од доказите со кои располага СЈО, особено телефонските разговори на Александра Зафировска, во периодот од 2011 година до 2013 година, а од кои дел беа и јавно објавени, произлегува дека додека ја вршела функцијата претседател на Судски совет на Република Македонија, била во постојана координација со извршната власт… Тогашниот претседател на Судскиот совет на Република Македонија, премиерот на Владата на Република Македонија, министерот за правда, министерот за внатрешни работи и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање одлучувале за избор на „подобни“ судии и разрешување на „неподобни“ судии, стручните соработници ги бирале според партиски списоци, ја менаџирале работата, интервенирале во судски постапки, се наведува во Посебниот извештај.

СЈО во извештајот го посочува и претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, кој во 2011 и 2012 година во повеќе наврати на своите соговорници им изнсувал информации од судските постапки, интервенирал кај други судии за предметите и давал сугестии за постапувањето.

На судијката Софија Лаличиќ пак, како што е посочено во извештајот, повеќе од една година пред да биде избрана за судија и била ветена судиската функција.

– Содржината на јавно објавениот телефонски разговор меѓу Софија Лаличиќ и Сашо Мијалков, тогашен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, кој во таа прилика и соопштува дека е избрана за судија претставува само илустрација на спрегата меѓу извршната и судската власт. Нејзните конекции со извршната власт не завршуваат со изборот за судија, туку напротив уште повеќе се интензивираат во насока која претставува флагрантна повреда на независноста на судството и злоупотреба на угледот на судиската функција… За судија Лаличиќ судиската функција значела сѐ освен тоа што е нејзиното вистинско значење – привилегија да се служи на заедницата преку улогата на делење на правдата согласно законите и еднаквоста на сите граѓани вклучително и себе си пред Уставот и законите во Република Македонија, се наведува во Посебниот извештај.

Судијката Светлана Костова за која се наведува во извештајот дека паралелно извршувала работни задачи и како судија и во Управата за безбедност и контраразузнавање, со што според СЈО се доведува во прашање нејзиниот личен интегритет, но и институционалната независност на судиската функција.

– Телефонски комуникации остварени од страна на судија Светлана Костова во месец септември и октомври 2011 година, односно два до три месеци по нејзиното стапување на функцијата судија на Виш управен суд, покажуваат дека таа продолжила активно да учествува во дневните обврски на Управата за безбедност и контраразузнавање околу организирање и посредување при состаноци и превземање на други работни задачи кои спаѓаат во делокругот на секојдневното работење на УБК, стои во извештајот.

Посебниот извештај СЈО го доставило до Собранието на Република Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...