Граѓаните кои се возат во автобусите на Јавното сообраќајно претприајтие и приватните превозници се жалат дека многу често се случува да бидат симнати од автобус, ако сакаат да внесат торба на тркала. Деновиве, велат тоа им се случува на сите кои сакаат да внесат торби од зелените пазари. Од ЈСП и приватните превозници пак велат дека Градот Скопје има правила за тоа што смеат а што не смеат да внесуваат патниците во автобус и тие правила возачите мора да ги почитуваат.
– Вчера во автобусот со број 23 видов како симнаа три или четири жени кои сакаат да внесат торби на тркала за пазарење. Возачот не им дозволи да се качат и им рече дека не е дозволено да се внесуваат такви торби. Ова не е прв пат и мене ми се случилио кога пазарам да ме симнат од автобус поради торбата. Посебно во овој период кога се прават зимници, многу од граѓаните се принудени да одат пеш со торбите или да изнајмуваат такси- вели скопјанка.
Друга патничка, пак, се жали дека со полупразна торба на тркала била исфрлена од автобус без никакво објаснување.
-Ако има некакви правила за превезување на ваков вид товар во автобусите, тоа треба да биде посочено на видно место во автобусите или на секоја постојка. Вака само не малтерертираат и не срамат пред другите патници како да ние нешто правиме противзаконски или им заземаме место на другите само ако носиме поголема торба – вели таа.
Дел од патниците, пак, се жалат дека во периодот кога има најголеми турканици во автобусите принудени се да прескокнуваат вреќи со пиперки или торби во кои се превезува се и сешто.
– Никаде го нема ова што го има во нашите автобуси. Не смееш да облечеш нешто поасално и да се најдеш во автобус кога наши сограѓани сакаат да качат пипер и домати во автобус во најразлични садови. Во шпицот можеш да бираш да останеш со скинати исфлекан фустан или воопшто да не се качиш во автобус. Мора да има правила на однесување во автобус и што треба да се превезува инаку како уредни да стигнеме до целта – вели скопјанка.
Ленин Јовановски од транспортната компанија „Слобода превоз“ вели дека и до нивната управа доаѓаат поплаки од граѓани кои реагираат дека биле симнати поради она што сакале да го превезат.
– Градот Скопје донесе правила за тоа што смеат и што не смеат да внесуваат патниците во автобус и возачите треба да ги почитуваат за да се одржи ред во автобусите. Нашите возачи прават исклучоци за одделни случаи, но не е во ред да се превезуваат вреќи или колички со производи од зелените пазари кои ќе им пречат на патниците или можат да ги повредат и да им оштетат облека и обувки. Дополнително не е дозволено да се внесуваат работи кои можат да го оштетат инвентарот во автобусите кои непријатно мирисаат или течат – вели Јовановски.
Секој возач, додава тој, проценува дали некој предмет, торба кофер или слично ќе влијае на редот во автобусот или ќе создава турканици и може да повреди патници.
Од ЈСП „Скопје“ исто така посочуваат на востановените правила за патниците кои можат да се прочитаат и на веб страницата на претпријатието.
Според овие правила во автобус не е дозволено да се внесе: личен багаж чии димензии се поголеми од (100х60х25) или потешки од 30 килограми, потоа оружје, високо запаливи, експлозовни, отровни и други опасни материи.
Забрането е внесување и на предмети кои можат да го загрозат животот, здравјето на патниците и возачкиот персонал како и внесување на велосипед, и влегување со ролери и лизгалки.
Во рамки на овие правила на патниците им се забранува да го попречуваат возачот во неговата работа, потоа да се задржувааат во возилото со што го попречуваат влезот и излезот и отварањето и затварањето на вратите. Не е дозволено и насилно товорање на вратите, влегување и излегување од возилото додека е во движење, фрлање на отпадоци, оштетување на возилото. пушење во возилото како и конзумирање на храна и пијалоци.