По референдумот ќе рипне бројката на пратениците кираџии во Скопје

595

Собранието ќе продолжи со кастрење на патните трошоци за пратениците од внатрешноста на земјава кои на работа во Скопје доаѓаат со сопствено возило, затоа што освен намалувањето на надоместокот за гориво за 10 отсто (од 30 на 20 отсто) се очекува да се зголеми бројката на тие што ќе одлучат да изнајмат стан во главниот град, покрај досега пријавените две пратенички од ВМРО – ДПМНЕ.

Овие мерки за рационализација на трошоците, како што најавуваат во пратеничката група на СДСМ, ќе бидат поткрепени и со паметно планирање на пленарните седници, но и на активностите на пратениците во собраниските тела.

Вакви се очекувањата на координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев, кој вели дека патните трошоци ќе се скратат за една третина и тоа не само поради намалениот процент на надоместокот за патни трошоци, туку и поради детално скроениот план за рационализација на трошоците што заедно го направиле со собранискиот претседател Талат Џафери. Тој план се однесува, како што објаснува Тунтев, и на календарот на одржување на собраниските седници, но и на учеството на пратениците во собраниските тела, кое треба да биде планирано и координирано со активностите на народните избраници. Така, оние пратеници од внатрешноста кои се членови во собраниските комисии, а немаат конкретни задолженија за време на одржување на седниците на тие тела, вели Тунтев, не мора да доаѓаат во Скопје.

Споредбените анализи и пресметките што биле направени во пратеничката група на СДСМ покажале дека во првите шест месеци лани патните трошоци од 25 милиони денари, буквално се преполовиле -тие за првите шест месеци во 2018 година тежеле  12 милиони денари.

Засега, како што е познато, барање за кирија поднеле само пратеничките Ане Лашкоска од Прилеп и Благица Ласовска о Штип. Кога беа донесени измените во Законот за пратеници, народни избраници од Битола велеа дека ќе изнајмат станови, но засега нема ново пријавени.

На нашата забелешка дека ако само две пратенички од опозициската партија се кандидатки за стан под кирија, тогаш како се очекува намалување на трошоците, Тунтев е оптимист дека таа бројка ќе се зголеми по референумот.

-Нема рок во кој пратениците треба да се изјаснат дали ќе изнајмат станови под кирија. Со законските измени предвидено е од 1 септември пратениците од внатрешноста на државата, кои не поседуваат стан или куќа во Скопје, да почнат да се изјаснуваат дали ќе патуваат до работа со свој автомобил, а за тоа ќе добиваат надомест за гориво во висина од 20 отсто и за патарина. Или ќе закупат стан за што Собранието ќе издвои средства најмногу до 400 евра- објаснува Тунтев.

Тој вели дека во овој период кога тече референдумската кампања и кога не се одржуваат пленарни седници, а активностите на пратениците во Собранието се намалени не може да се очекува реална бројка за интересот кај пратениците за изнајмување стан.

Освен кампањата, причина за малиот број пријавени пратеници за закуп на станови во Скопје, како што објаснуваат во Собранието, е и фактот што има процедура која секој  заинтересиран пратеник ќе треба да ја помине, а новината тукушто почна.

Идните кираџии, пратеници во Скопје ќе треба да достават писмено барање што содржи лична изјава, заверена кај нотар во која треба да наведат дека немаат во Скопје стан или куќа со површина најмалку 80 метри квадратни. На пратениците што ќе решат да живеат во Скопје ќе им се исплаќаат и по 100 евра за комуналии.

Трендот на намалување на патните трошоци почна пред речиси една година, но тоа тогаш не беше предизвикано ниту поради притискот на јавноста, ниту поради законските измени кои се случија кон средината на јули оваа година.

Според податоците, во буџетот за 2017 година за патни трошоци на почетокот биле предвидени 1,3 милиони евра. Овие средства подоцна со ребалансот се намалени на околу 600 илјади денари, затоа што во тој период Собранието не одржуваше седници поради крвавиот чертврток. Потоа и во јуни беше редуцирана работата на пратениците, па дојдоа годишните оддмори, а по нив и кампањата за локалните избори, период во кој не се одржуаат пленарни седници. Ваквите околности ја намалија баснословната сума што претходно, македонските пратеници, ја трошеа за патување од Скопје до своите места на живеење. За 2018 за патни трошоци биле предвидени 81 милион денари.

-Проектираните средства за патување во 2018 година беа на идентично ниво со вредноста од буџетот за оваа година и нема никакво зголемување и удвостручување – објаснува Тунтев.

Инаку, измените на Законот за пратениците, предвиуваат за патни трошоци, наместо како порано кога се наплатуваше 30 отсто од изминат километар од продажната цена на еден литар гориво, сега да се наплатува 20 отсто.

И по реакициите на јавноста, познато е дека и новиот пратенички состав се офајди со околу 10-12 илјади евра по пратеник за патување до Скопје и тоа само за половина година, што повторно предизвика критики и реакции дека и покрај сите пресметки и ветувања, пратениците пак се во ќар со патните трошоци, иако тие тврдат дека станува збор за реални трошоци.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...