Детска клиника доби апарат за дишење за предвремено родени

На Одделот за интензивна нега и терапија има 16 деца, а најмалото родено во 28 гестациска недела има 450 грама.

107

Опрема за реанимација со неинвазивна респираторна поддршка, наменета за предвремено родени деца, односно доенчиња кај кои е потребно подобрување на волуменот на белите дробови, доби денеска Универзитетската клиника за детски болести. Станува збор за донација добиена со поддршка од Германската амбасада и проектот Хопе.

По повод донацијата, министерот за здравство Венко Филипче и германскиот амбасадор Томас Герберих денеска го посетија Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката.

Министерот Филипче му се заблагодари на амбасадорот за поддршката која ја даваат за проектот ПериМак, кој, како што рече, е еден од приоритетните проекти, а се однесува на намалувањето на новороденечката смртност. Тој посочи дека станува збор за донација на посебен апарат со кој се олеснува дишењето пред се кај предвремено родените бебиња, но и кај доенчињата на кои им е потребна ваков вид поддршка.

– Со овој проект значајно се подобруваат капацитетите, но и потенцијалите на нашите јавни здравствени установи посебно во сферата на неонатологијата. Се надевам дека ова е почеток на една значајна соработка со Германската амбасада и продолжување на проектот кој почна како соработка меѓу Министерството за здравство и Фондацијата проект Хопе – додаде Филипче.

Амбасадорот Герберих истакна дека голема чест и задоволство му е што со средствата од малите проекти на Германската амбасада имале можност да се вклучат во еден проект со кој го поддржале Одделот за интензивна нега и терапија на Детската клиника.

– Ова е уште еден знак дека Македонија и Германија имаат многу добра соработка и на овој начин сакаме да покажеме дека не водиме само голема политика, туку помагаме конкретно на места каде што тоа е потребно – додаде Герберих.

Директорката на Клиниката за детски болести, Катарина Ставриќ се заблагодари за донацијата и посочи дека пријателството со Германската амбасада е постојано. Изрази надеж дека соработката ќе продолжи и понатаму.

– На Одделот за интензивна нега и терапија има 16 деца, а најмалото родено во 28 гестациска недела има 450 грама и навистина е голем успех и на овие предвремено родени да им дадеме шанса да преживеат. Станува збор за близначка бременост, едното дете веќе е горе на Одделот, а второто сѐ уште има потреба од поддршка – додаде Ставриќ.

Фото: МИА

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...