Ги повикувам сите граѓани да ја исполната својата слобода, како и одговорноста, и да излезат и да гласаат на референдумот, порача помошникот државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Вес Мичел по средбата со премиерот Зоран Заев.
– Мислам дека ова не е момент во историјата кога би сакале да не се чуе вашиот глас, мислам дека е важно да се зборува јасно да се искаже мислењето. Мислам дека ова е историска можност и мислам дека изгледите оти ваква можност ќе има уште еднаш за време на нашиот живот се многу мали – рече Мичел.
Тој истакнанапомена дека САД ја гледаат Македонија како важен пријател и партнер и нагласи оти земјата е пред историска шанса да продолжи да чекори на патот кон целосно интегрирање во НАТО и ЕУ.
Мичел денеска посочи дека во Скопје меѓу другите имал средба и со лидерот на опозицијата и му ја пренел истата порака која што им ја пренел и на другите соговорници.
– Денеска истата порака ја пренесов до сите Македонци со кои се сретнав. Македонија долго беше на патот кон западот и сега е време сите Македонци да го искористат своето демократско право, да бидат одговорни да гласаат за оваа историска можност. Сега е време да го кажете своето мислење – рече Мичел.
На прашањето што доколку референдумот не успее, Мичел рече оти не сака да шпекулира и додаде дека одлуката за иднината на земјата е во рацете на македонските граѓани. Тој истакна оти Договорот од Преспа не бил лесен ниту за Македонија, ниту за Грција.
– Честитам за огромниот напор на Заев и неговите соработници за Договорот од Преспа. Договорот бараше жртва од двете страни. Ги охрабруваме Македонците да излезат и да гласаат по сопствена волја. Во интерес на Македонија е да излезете и да кажете што мислите. Не ја пропуштајте оваа шанса. Америка ја гледа Македонија како значаен партнер и евроатлатнски интегрирана – изјави Мичел.
Премиерот Заев истакна дека на Македонија и требаат силни лидери и уште еднаш ја повика опозицијата јасно да се определи во однос на претстојниот референдум. Нагласи оти е потребно лидерство кое што ќе го препознае сегашниот момент. Изрази убедување дека и со оглед на последните анкети голем процент од македонските граѓани ќе се одлучат дека нашата иднина е да станеме дел од најмоќниот политичко-воен сојуз НАТО и најмоќниот економски сојуз Европската унија.
Заев потсети оти Мичел првпат во земјава дошол во март кога, како што рече, тој лично му ги најавил чекорите коишто ќе се преземат во насока на надминување на препреките што стојат на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО.
– Оттогаш успешно решивме неколку прашања, а меѓу нив е постигнувањето на Договорот со Грција – рече Заев и додаде оти следниот историски чекор е успешниот референдум на којшто граѓаните ќе одлучат за својата иднина.