Адвокатката Сања Алексиќ, која е дел од одбраната во случајот за 27 април го праша сведокот Петар Атанасов дали е точно дека влегол во прес салата при крај на изјавите на Зоран Заев и Талат Џафери, на што приговараше обвинителката Вилма Рускоска, а судијката Добрила Кацарска го усвои приговорот.
– Господинот до вас е глумец, не вие. Не ми глумете во судница – рече Кацарска за реакцијата на адвокатката откако ѝ беше одбиено прашањето, која инаку седеше во судница до обвинетиот актер Владо Јовановски.
Атанасов во неговиот исказ претходно рече дека ѝ помогнал на пратеничката Милева Ѓорѓиева, која се жалела на страшни болки, да ја изнесе од прес салата. Во симнувањето по скалите во тоа му помогнало лице на околу 30-40 години, ситно по раст и не многу високо.
Адвокатката Мирјана Јосифовиќ и обвинетиот Влатко Трајковски преку вкрстени прашања се обидоа да го прашаат дали токму овој обвинет е тоа лице.
„Дали сум јас тоа лице“, праша обвинетиот.
Обвинителката Вилма Рускоска приговараше дека тоа се директни, а не вкрстени прашања па Атанасов немаше шанса да одговори. Обвинетиот го преформулира прашањето, односно праша дали тој одговара на описот на тоа лице.
– Постои голема сличност, но не можам со сигурност да потврдам – одговори Атанасов.
По сведочењето на Атанасов, судијката даде пауза за ручек, а потоа во судница исказ ќе даваат и пратениците Катерина Кузмановска и Хари Локвенец.