Кога ДИК-овци поднесоа оставки, беше тоа една мала победа за демократската јавност. Но, таму и заврши таа мала победа. Тие добија награда за неуспехот на ова тело да го одбрани правото на глас, добија награда за тоа што трошеа пари како да растат на дрво, добија награда за сиот мобинг што го спроведувале дел од нив врз вработените во ДИК…
Добија дебела лапанажа од парламентарната комисија која не се потруди ни да поразговара за овој тежок случај на непрофесионално и неетичко однесување кон високите државни функции, на кој дури и американскиот амбасадор (значи, дел од меѓународната заедница) реагираше. Не, само им одобрија цела година продолжено уживање во јавните пари. Не видовме ни обид да се повикаат на одговорност! Не знам што е поголем срам, тоа што воопшто помислија да поднесат барања за апанажа или тоа што претставниците на граѓанките и граѓаните (пратениците во комисијата за именувања) тоа им го одобрија.
Бран оставки го зафати и ДКСК. Но, дали ќе понесат одговорност? Или и тие ќе добијат награда за тоа што во деновите пред падот на Груевски поведоа валкана војна против граѓанските организации, го бранеа криминалниот режим и беа дел од коруптивниот систем, од позиција на државна институција чија единствена задача е спречување на корупцијата. И таму, според информациите од свиркачите, има мобинг и национал-шовинизам. Ќе одговара ли некој за тоа? Или ќе добијат награда, најмалку со тоа што ќе бидат оставени на раат да се вгнездат во некоја друга институција и да си продолжат со старата песна? А можеби ќе им текне да побараат апанажа која пратениците ќе им ја усвојат без поговор.
Без оглед на партиската припадност, пратениците продолжија богато да се гостат со парите од даночните обврзници, од народните пари (!), за своите измислени патувања по ова катче земја. Илјадници евра украдоа од гладните деца, од сиромашните семејства, од парите кои би требало да се потрошат за здравјето на болните. Да, тоа се тие пари, драги мои сограѓанки и сограѓани, ако ги лапнат за патни трошоци, нема да има пари таму кај што се најпотребни, нема трети пари! Луѓе купуваат приватно дури и завои, игли, инфузии, инсулини и што ти не друго, но важно тие се наполнија со пари!
Затоа ли одобруваат лапанажи толку лесно? Затоа ли мижат пред неправдите и корупцијата во институциите? Затоа што им е валкан задникот, знаеме сите.
Значи, не мора да има закон (а има) што ќе ги санкционира пратениците за злоупотреба на функцијата и користољубие. Фатени се на дело. И тие треба да поднесат оставки! И да одговараат! Оставки и одговорност. Толку.