Шилегов замолува за трпение на Партизанска

508

Булеварот „Партизански одреди“ во населбата Влае во Карпош од денеска се реконструира во должина од 835 метри, а градоначалникот Петре Шилегов апелираше кај возачите за трпение и за разбирање.

Ќе биде отстранет стариот коловоз и ќе биде нанесен нов асфалтен слој. Ќе се заменат оштетените шахти и ќе се нивелираат постојните, а ќе се заменат и сите оштетени рабници. За оваа реконструкција, како што информира градоначланикот Петре Шилегов, Град Скопје ќе издвои околу 19 милиони денари.

– Градот Скопје ја почна реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“ на потег од мостот „Обединети Нации“ до кружниот тек со улицата „Ацо Шопов“ во должина од околу 850 метри. Со цел работите побрзо да се одвиваат и што е можно помалку да им го отежниме движењето на граѓаните додека се врши реконструкцијата, градежните активности се поделени на две фази и ќе ги вршат две различни компании – изјави градоначалникот Шилегов.

Тој апелираше до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремениот сообраќаен режим, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот, истовремено замолувајќи ги за разбирање во потешкотиите во одвивањето на сообраќајот до завршувањето на реконструкцијата.

Реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“ е една од низата коишто се реализираат во овој период во насока на обезбедување побрз, побезбеден и поефикасен сообраќај во нашиот град. Претходно започна и втората фаза од проектот за изградба на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Бутел, како и реконструкцијата на улицата „Ацо Шопов“, а во наредниот период ќе почне и реконструкцијата на улиците „Брадфордска“ и „Лондонска“ во Карпош, улицата „Антон Попов“ во Кисела Вода, како и изградба на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...