Здружени сме сите, затоа што се работи за иднината на Македонија. Перспективите се во ЕУ и НАТО, рече премиерот Зоран Заев, на трибината со граѓаните на Крива Паланка.
-Заедно сме бидејки знае бизнисот дека се отвораат европски пазари. И во малите дуќанчиња знаат дека ќе има повеќе промет, штом граѓаните имаат повеќе пари. И спортистите целат кон Европа. И синдикатите знаат дека ќе се унапредат работничките права и ќе има поголеми плати. Ако народот има пари и економијата во државата ќе расте – порача Заев.
Тој рече дека престојниот референдум и предреферендумската атмосфера покажуваат дека живееме во демократија што го отвори патот кон ЕУ и НАТО.
-Штом Македонија тоа го има обезбедено, ќе чекориме по вистинскиот пат, па колку некој да не е одлучен и да не кажува ставови. А мора да кажува. Имаме народ што секогаш носел мудри одлуки -истакна Заев.
Тој ги повика граѓаните да се гордеат со постигнатото со договорот од Преспа што осигурува членството на Македонија во ЕУ и во НАТО.
-Ја остваривме вековната определба, да сте горди, држава признаена од цел свет, со потврден идентитет, во која што живее македонски народ, што зборува потврден македонски јазик. Тоа го направивме со памет и со љубов, ова е огромна придобивка, премиерот.
Тој посочи на поддршката што ја има и ја добива Македонија од целиот свет.
-Доаѓа цел свет да го потврди тоа што го правиме, тоа е европско однесување, да бидете горди и со Македонија и со иднината на Македонија. Утре сум во Стразбур, во ЕП ќе зборувам за перспективите на Македонија, а земјата сеуште не е членка на ЕУ – додаде премиерот Заев.
-Ќе и покажеме на Европа и дека има граѓани и земји коишто имаат и успешни референдуми. Затоа што убеден сум дека на 30. септември ќе гласаме за европска Македонија – рече Заев на трибината со граѓаните на Крива Паланка.