Тројцата обвинети добија повеќе од 10 години затвор за сексуалното злоставување на малолетното девојче – штитеничка на државните домови за деца со воспитно социјални проблеми, кое остана бремено.
Тројцата признале вина. Првообвинетата Мајмире Дестанова која ја продавала малолетничката е осудена на 13 години затвор, а нејзиниот невенчан сопруг Ерол Јашаров и неговиот внук Сезар Раимов, кои сексулано ја злоупотребувале, се осудени на 12 години затвор. Тие се товарат за трговија со дете и за сексуална злоупотреба на малолетната штитеничка.
Според обвинението Дестанова за 200 евра го продавала девојчето по кафани во Кавадарци, ја терала да ги забавува гостите, и давала алкохол и ја тепала. Од Кавадарци, Дестанова го однела девојчето во Радовиш, кај нејзиниот невенчан сопруг кој сексуално ја злоупотребувал, а истото го правел и неговиот внук. Хоророт на девојчето завршил кога останало бремено и Дестанова ја пратила во Скопје да абортира и да се врати.
Девојчето го пријавило веднаш случајот во институциите кој во јавноста предизвика скандал откако беше објавен. Овој случај го обелодени третманот кој го имаат штитениците од домовите.