СЛОБОДЕН УДАР – Според чија совест постапува Мицкоски

Партијата покажала и докажала дека не само што не ги почитува токму тие што постапувале според сопствено убедување, туку најсурово се пресметувала со секој таков.

1626

Не е првпат, а сигурно нема да биде последен, премногу да се повикуваме, да инсистираме, да се потпираме на нешто што најмалку го имаме или воопшто го немаме. Сопствено убедување, или совест, на пример. „Донесовме одлука секој граѓанин да постапи според сопственото убедување“, соопшти Христијан Мицкоски, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во обраќањето до јавноста (партиската), а по повод претстојниот референдум, гласање од историско значење за земјата.

Оваа одлука – понижувачка за секој граѓанин што има сопствено убедување – партијата ја донесе по целолетните обиди да го (раз)убедат обичниот човек, по долготрајните операции за градење одамна познатиот став, по навигацијата, по сите консултации, одвишни во актуелните партиските органи и суштински со поранешните први тела, по обврзувачките разговори со светските лидери.

Зошто е можно, нормално и очекувано ВМРО-ДПМНЕ да одлучи некој – па дури тој да е нејзиниот најтврдокорен член – да гласа како што тој смета дека е исправно? Затоа што партијата покажала и докажала дека не само што не ги почитува токму тие што постапувале според сопствено убедување, туку најсурово се пресметувала со секој таков. (Мицкоски и сега тоа го демонстрира веќе во втората реченица: „Јас сум убеден дека знаете што треба да направите. Вие најдобро знаете што сакам да ви кажам, и дека ова што ви го кажувам допира до секој од вас, само треба да го слушате вашето срце и вашиот разум“). Дали, на пример, има некој граѓанин што навистина верува дека актуелниот партиски лидер постапува според своето убедување или така како што одлучил некој поранешен што го поставил на таа функција? Конечно, дали Мицкоски слушнал дека во политиката етиката на уверувања е спротивна на етиката на одговорноста?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...