Ромите во Македонија и за време на првиот референдум за самостојност на државата гласаа во голем број. Во Македонија, Ромите ги имаат сите права, се во преамбулата и Уставот на Република Македонија. Тие се лојални на државата. Кога треба да се донесе некој закон ние сме тука. Лојални политичари сме, секогаш застануваме од страната на државата. Секогаш даваме сѐ што можеме, рече пратеникот Амди Бајрам од Сојузот на Ромите на денешната прес-конференција.
Тој ги повика граѓаните да излезат и да гласаат „за“ на претстојниот референдум на 30 септември.
Претседателството на Сојузот на Ромите заседавало и според неговите зборови, одлучиле да го поддржат референдумот и да гласаат „за”.
– Тоа „за“ е за граѓаните, за македонските граѓани. Во тоа гледам ангажираност, едногласна одлука за работа. Сите Роми работиме заедно. Ова не се избори. Се работи за НАТО и стабилна држава, да влеземе во ЕУ. Да излеземе што порано и помасовно тој ден за референдумот да биде успешен. Има партии кои нема да го поддржат референдумот, но народот ќе го поддржи скришум – рече Бајрам.
Тој додаде дека се надева оти на крајот ќе надвладее разумот кај ВМРО-ДПМНЕ.
– Знаете, магарето застанало на улица и не сака да шета, па мора малку да се подбуцне. Не е во ред да го бојкотира, нека дадат повик да се гласа „за“ или „против“ – рече Бајрам.