Друже Заев, викај одма тоа камшикарот!

Сиве овие долги месеци, твојот молк, друже Заев, мене ми беше побучен од целата врева што ја креваа пушикарите со кои си опкружен, обидувајќи се да ги покријат скандалите. Од нив треба да почнеш! Од пушикарите! Опни им нога во задниците, друже! Без размислување.

8406

Прочуената изјава на премирот Зоран Заев за камшикарот, од митингот во Велес, за мене засега е клучната порака на кампањата за референдумот. И не верувам дека ќе биде надмината. Цитирам:

„Ни треба камшикар – вели Заев. – Ни треба некој од ЕУ и НАТО да дојде овде и малку да нѐ потсреди. Сите, од мене на чело, па надоле сите. Затоа што мора да има европски ред и поредок, мора да има европски правила. Тоа е нешто кое што сакаме и тежнееме да го постигнеме“.

Така е, друже Заев, навистина ви треба камшикар. И сѐ си мислам дека нема да биде доволен еден, ќе ви требаат повеќе камшикари. Има, брате, многу за потсредување! Знаеш и самиот. Покрај сите скандали и критики – баш пред референдумот! – после сите апели за европско поведение, твоиве навистина усул немаат.

Еве, денеска ќе се занимаваме со нов скандал. Знам дека ќе боли, знам дека нема да ти биде право, ама морално е. Оти, како што велиш и самиот – сите тежнееме кон европски ред и поредок, така?

Е еве, да видиш како изгледа тој европски ред и поредок во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Не сум ни знаел, бре, дека имало таква агенција! А во неа да ти имало вкупно 182 вработени. Армија лезилебовиќи, човече, лудило! Е таа агенција ќе купувала 180 компјутери и за тоа ќе потрошела 120.000 евра. „Па сите ли компјутери ви се неупотребливи, па зарем и они купени во 2016 година?“, прашува колешката Сабина Факиќ.

Имаш одговор на тоа прашање, друже мој? Немаш. Имаш одговор зошто се прави луд оној градоначалникон на Демир Хисар и зошто партијата молчи? Немаш. Немаш ти, другарче, одговор за многу други глупости што ги направија луѓето околу тебе. Немаш, зашто уште имаш срам (надежно е тоа!) и знаеш дека има утакмици кои не се бранат.

Сиве овие долги месеци, твојот молк, друже Заев, мене ми беше побучен од целата врева што ја креваа пушикарите со кои си опкружен, обидувајќи се да ги покријат скандалите. Од нив треба да почнеш! Од пушикарите! Опни им нога во задниците, друже! Без размислување. Не дозволувај веќе тие џукели да те бранат, аман! Те влечат со нив во калта. Ко крпа.

И секако, ти благодарам на искреноста, премиере наш, кога велиш дека камшикарот и тебе треба малку да те потсреди. Богами, треба! Оти твоја беше и твоја и натаму ќе остане обврската да си го потсредиш сопствениот двор. Многу валканици има таму, друже. Ептен многу. Кај да чепнеш, смрди, корне. Кај да стапнеш, ќе се умацаш. Метла не врши работа. Фаќај шмркот и пушти силен млаз вода.

И да, викај одма тоа камшикарот! Не му се мисли. Секој изгубен ден чини многу.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...