Со Договорот од Преспа имаме целосна заштита на македонскиот јазик, порача премиерот Зоран Заев вечерва на трибината „За Европска Македонија“ во Македонска Каменица.
– Градот на Јаков од Камена Река кој што е првиот печатар кој отишол во Венеција и се вратил со испишани книги на првиот јазик на кој со гордост зборуваме денес е одличен доказ дека јазикот е нешто по кое сите не познаваат. Конечно со договорот од Преспа имаме целосна заштита на нашиот македонски јазик. Договорот е потпишан од грчка страна што значи тие го признаваат нашиот идентитет – рече Заев.
Тој дополни дека правењето компромис со Република Грција е вековна придобивка за нашата држава.
– Направивме компромис и разграничивме дека од тој историски регион Македонија ние сме северниот дел. Ова е вековна придобивка за нашата Македонија, исто како што е придобивка потпишувањето договор со Република Бугарија со што проблемите кои ги имавме со соседите ги решаваме – потенцира Заев.
Премиерот се осврна на дел од придобивките на Република Македонија со влегувањето во НАТО и ЕУ.
– Знаејки дека Македонија од својата независност досега имала економски раст, но народот не ја почувствувал благодетта, решивме дека крајно време е како народ и нација да се средиме. Ако сакаме перспективи со достоинствени приходи, сите знаеме дека мора да се отвориме како држава. Со интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ, ние никогаш повеќе не треба да стравуваме за својата безбедност. Тоа е уште една голема придобивка за државата – рече премиерот Заев.
Тој како што истакна, 30 септември е датум кога на Европа треба да и се покаже дека овде референдумите успеваат со што граѓаните ќе ги покажат своите европски вредности.
– Да и покажеме и на Франција, Германија и на Британија дека Македонија има свои вредности кои и требаат на Европа, дека овде референдумите можат да успеат и дека ќе сме горди што на 1 октомври нашите деца ќе се разбудат со поглед кон иднината – рече Заев.