И во општина Пробиштип и на ниво на Македонија можеме да видиме колкава е европската помош која што сме ја добивале досега, а во земјите околу нас можеме да видиме колку таа ќе порасне доколку Македонија стане членка на Европската Унија и на НАТО-Алијансата. И затоа навистина сме посветени нашата татковина час поскоро да ја направиме членка на овие два моќни сојузи, порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска од Пробиштип.
Шекеринска додаде дека вратите на овие сојузи ни се отворени и дека светот ни подаде рака.
– За само неколку дена во посета на Македонија пристигнаа најмоќните луѓе на светот. Тоа покажува дека на 30 септември навистина имаме историска одговорност да ја искористиме оваа шанса и во наше име и во име на сите следни генерации. Десет години не убедуваа дека Македонија мора да тоне во изолација затоа што светот не нѐ сака. Овие денови покажуваме дека тоа било лага. Покажуваме дека светот знае да ги цени напорите кои што ги направивме изминатата година и за само кус временски период успеавме државата од изолирана да ја направиме пример за успех на Балканот – рече министерката.