Град Скопје подготвува кривична пријава поради недозволен пренос на добиена концесија за поставување билборди од една на друга фирма.
Кривичната ќе биде за претходното раководство на чело со екс градоначалникот Коце Трајановски за договор за давање под концесија на дел од билбордите во Скопје.
Станува збор за 250 локации за билборди кои на јавниот повик што го распишал Град Скопје ги добила фирмата „Медиас ДООЕЛ“, но која по извесно време отишла во стечај, па концесијата со потпис на ексградоначалникот Коце Трајановски бил пренесен на фирмата „Лид Медиа“.
– Незаконски е договорот да се пренесе на друго правно лица. Доколку фирмата со која е потпишан договор отиде во стечај тогаш постапката треба да се повтори односно да биде распишан нов јавен повик, не може договорот да се пренесе на друго правно лице. За овој случај Град Скопје ќе поднесе кривична пријава за одговорните лица кои дозволиле да се склучи ваков договор – објаснува градоначалникот Петре Шилегов.
Трајановски на 13 мај 2013 година на прес-конференција ги промовираше новите унифицирани рекламни паноа што ќе бидат поставени на вкупно 1.100 локации низ градот и како што рече тогаш ќе се постават 800 билборди, 252 „сити лајтс“ и 48 ЛЦД панели. Тогаш Трајановски рече дека со доделувањето на билбордите ќе се вовело ред во рекламирањето.