Бизнисмените бараат да се применат европските норми за дозволено присуство на генетски модифицирани организми во производите. Потрошувачите, пак, очекуваат присуството на ГМO да биде декларирано во производите за да можат да одберат дали ќе го консумираат некој производ или не. Науката, пак, сѐ уште не докажала дека генетски модифицираните организми му штетат на здравјето на луѓето и животните кои ги јадат.
Ова беше речено на денешната трибина со наслов „ГМО, ГМО-Храна и ГМО-храна за исхрана на животни“ која ја организираше Здружението на земјоделство и прехранбена индустрија во рамките на Стопанската комора на Македонија и Агенцијата за храна и ветеринарство.
– Прагот на толеранција за присуство на ГМО во производите според европската директиви е 0,9 отсто. Тоа го бараат бизнисмените да влезе во новата законска регулатива која се усогласува со европската – информира директорот на Агенцијата за храна, Зоран Атанасов.
Потрошувачите, вели претседателката на Организацијата на потрошувачи, Марија Лончар Велковска, сакаат да знаат што купуваат.
– Бараме да знаеме што купуваме, а тоа треба да се види на јасни етикети на кои се нудат сите информации и не се манипулира и прикрива содржината на производот. Посебно треба да ги содржат информациите за ГМО и други штетни хемиски и други елементи по здравјето на луѓето и животните. Тоа треба да е содржано во законите кои треба да бидат добри во однос на заштита на правата на потрошувачите – вели Велковска.
Организацијата на потрошувачи, како што рече таа, бара и востановување банка на македонски изворни семиња и поголема примена на органското производство.
Професорот Среќко Ѓорѓиевски од Земјоделскиот факултет, смета дека се непотребни стравовите кои ги имаат граѓаните во однос на генетско-модифицираните организми содржани во храната, бидејќи досега науката не докажала штетно дејство врз здравјето на луѓето и животните.
– Многу е важно дали ГМО од производите кои ги консумираат животните преминува во млекото или месото, односно производот кој го консумираат луѓето. Сите испитувања досега не покажуваат дека овие организми се задржуваат во организмот и преминуваат во производот кој се консумира. За разлика од тоа имаме храна во која што има поголемо присуство на протеини, антибиотици и други елементи кои преминуваат во млекото и месото и се штетни по здравјето на луѓето – појасни Ѓорѓиевски.
Одговорните тврдат и дека македонските лаборатории кои се сертифицирани и за испитување на ГМО се доверливи и според тоа нема место за сомневање во нивните резултати.
Проблематиката со генетски модифицирани организми се актуелизира, откако Агенцијата за храна и ветеринрство откри присуство на ГМО во соја и шницли од соја во производи декларирани како здрава храна и во ориз кој е одгледуван од увозно семе.