или
КУЛТУРА НА МОЛКОТ (8)
Не дека не ја ценам, или не дај боже ја потценувам frau Меркел. Напротив. Мислам дека без неа ќе ја (с)немаше и ЕУ. Ама, за мојата тема, нејзиното присаство во Македонија како да беше засенето од една судска пресуда – чинам многу битна за сите нас, а особено за јавниот збор – која што и фактички осуди напад врз професијата новинар, кој и да е! И тоа го гледам како речиси преседан во македонското општество, или, барем, многу важен чекор токму во овој миг на развојот на македонската демократија, имајќи ја предвид тука и онаа таканаречена седма сила, од која што, кај нас, остана само формата односно бројот (седма, осма или којзнае која по ред!), ама не и суштината. Затоа, со надеж дека frau Меркел ќе ми прости за мојата игнорантност кон нејзиното историско присаство во земјава, јас поголемо внимание би обрнал на тој настан односно тој „бум“ кој што, веројатно, ќе воведе некаква судска пракса – ако кај нас такво нешто воопшто постои – која што ќе го заштитува јавниот збор, паралелно со професиите што се бават со него. А тоа не се само новинарите, иако во случајов за нив станува збор, односно за нападнатата екипа на „А1он“ за време на протестите „За заедничка Македонија“ минатата година!
И повторно, таа пресуда станува симболичен знак на директна, имплементирана државна заштита на слободата на говорот и вршењето на професијата сврзана со таа слобода. Иако, лично мислам дека на македонското новинарство тоест на еден негов дел никакви формални и/или фактички слободи на говорот не му вршат работа, па ниту оваа пресуда. Тие остануваат заробени во нивните лични малограѓански трла, во нивните лукративни пориви и „зауздувачки“ селски страсти, а многумина, богами, и во нивната неугасива жед за моќ. Што и да стори општеството, тие нема да се променат. Некаде се дури и главни „ѕвезди“, иако имињата (јавно) им се влечат и по македонските судници. Но, нивни проблем, односно тие тоа така го нарекуваат, иако тој проблем е сериозен општествен проблем! Ама, интересно е што остатокот од „фелата“ не само што не расчистува со таквите, туку некои од нив дури и максимално „ги тинтра“, им гостува во емисии, ги повикува во своите медиуми како божем некаква противтежа, како некаков глас на (демек) опозициското мислење, иако овие немаат три благе везе со тоа. Зошто – никој не знае?! Дали е тоа нов влог за некоја претпоставена иднина, или е „танте за кукурику“ или нешто трето, останува да се види. Тоа му доаѓа на исто како јас сега, после сѐ, да почнам да ги фалам „умот и делото“ на провинцијалецон Сарајлија, или молчењето и манупилациите на жената му, или на оној неписменион „професор“ од Ерековци кој ужива да држи ступидни „лекции“ на Фејсбук наместо на ФЛУ и на уште едно чудо такви хохштаплери, платеници, бараби … сите доброволно здружени во злосторничконо здружение за уништување на македонската култура!
Како и да е, спомнатата пресуда можеби индиректно ќе повлијае кај некои да се одлепат од стравот за јавно, јасно и гласно определување за вистината, за компетентното мислење и во прилог на издржаниот, морален/етички став. Само така се станува сила. Сето останато е токму спротивното, односно е она што го гледавме во изминатите дванаесет години, ама е тука и денес. Иако некои успешно се „пресоблекоа“. Но, одоздола уште им ѕиркаат груевистичките ѕиври! Кога само ќе препрочитате некои текстови – еве нека бидат само од културата, зашто оние „политичкине“ се типична македонска улизувачка жабокречина – од пред десетина години во кои некои минорни улични шапшалчиња ги величаат, на пример, „најважните луѓе во културата“, набројувајќи ја сета онаа „културна“ збирштина од сиромашки идиоти кои се влечеа по злосторничкото здружение собирајќи ги паднатите ковчиња. И нив ги прогласуваа за не-знам-колку-важни фаци, па ги нарекуваа и „бардови“, па „витези“, дури и пуфлата во тоа време и во нивните „анализи“ беше „енергична, посветена“, а во нејзините „дела“ беа вбројувани истите овие поради кои денес секојдневно се влече по македонските судови!
Но, повторно, културата на молкот не е резултат само на неспособното, неписменото и поткупливото македонско новинарство, врз кое постојано висеше и мечот на незаштитеноста односно небезбедноста. Македонската култура на молкот е општо место, црно петно и на македонската администрација, на македонската интелигенција, на македонската култура, наука и образование. Не знам какви судски пресуди би ги олабавиле нивните стеги ама, дај боже, цитиранана пресуда барем малку да помогне во некоја насока. Инаку, навистина не знам според кои репери, или стандарди, македонските медиуми би станале дел од често жестоката европска медиумска сцена?
Според „стандардите“ на онаа шмизлана што ја пуштаат деновиве во македонските судови, на пример? Или кои, и какви ќе бидат стандардите што конечно ќе ја олабават македонската културата од стегите на политиката, а со тоа и од зависноста од молкот? Ако слободата на говорот е основно човеково право, особено на уметничкиот говор, каков е тогаш овој гласен молк? Молк на неслободни луѓе? Којзнае, зашто и разбирањето и „користењето“ на слободата е индивидуално чувство. Можеби кај нас слободата на говорот значи токму слобода за – молкот?
(Преземено од Теодосиевски уметност)