Догледање во следната војна

Во тоа време не можев ни да замислам дека следната војна на која ќе се видам со моите колеги од белиот свет ќе се случи токму во мојата земја, но се случи. ОК, кога се работи за Балканот, никогаш не велам не. И сега, кога гледам кон север од мојата земја, носот ми го штипе силниот мирис на несигурност. Барут. И тажен сум поради овој трагичен Балкан.

1429

Медиум кафе, јуни 1999 година, неколку дена пред промоцијата на мојата книга поезија „Мажот со коси на дете“ (издание на Форум), што мојот другар Шуки ја нарекуваше „Мажот со косина…“. Седам со Брус Конју (Bruce Connew), новинар, фотограф и писател од Нов Зеланд. Ја дискутираме трагичната балканска судбина низ вековите до денот кога цевчиме кригли пиво во пресрет на завршувањето на војната на само 50-тина километри од нашата маса покриена со шарена сенка, нотеси и фотоапарати. И кригли. И тој постојан, неподнослив звук што го правеа НАТО стелтовите.

Му раскажувам за погибијата на татко ми во Столац, БиХ. Загина како обичен цивил, на самиот почеток од војната, во јуни 1992 година. Му ги пренесов и моите доживелици во Мостар, година дена по Дејтонскиот мир (1995) и малкуте информации што ги собрав од таму, од раскажувањето на градоначалникот на Столац што беше бегалец во поделениот Источен Мостар.

„И? Што чувствуваш сега за Хрватите?“ – ме праша Брус – „Ги мразиш?“
„Како би можел да ги мразам Хрватите?!“ – му одговорив без размислување – „Јас сум Хрват по мојата баба Ана. Тоа би значело дека мразам дел од себе.“
Брус го напиша тоа во својата кратка книга „Press Escape to Cancel“, според насловот на една моја поема, што ја рецитирав своевремено и во албум на македонските рок легенди Last Expedition.

Во тоа време се дружев и со Серж ван Дајнховен (Serge van Duijnhoven), автор од Белгија. Тој пишуваше за балканските војни. Јунската промоција на мојата книга се совпадна со средбата Клинтон – Милошевиќ и потпишувањето на капитулацијата на Милошевиќ со американскиот претседател Клинтон. Околу 5.000 новинари чекаа во бескрајна редица за акредитации за влез во Косово и во Србија. Јас ја добив легитимацијата број 444… Цевчиме пиво, македонско-меѓународна тајфа новинари, фоторепортери и авантуристи и се разделуваме.

„Добро е што завршија балканските војни, следниот пат да се видиме во мир.“ – ми вели Серж, возбуден, со високо крената кригла. Сите ги креваат своите кригли во знак на одушевено одобрување. „See you next war“ („До гледање во следната војна“) – му одговорив. Завладеа тишина. И ова влезе во книгата на Серж што се однесуваше на воената 2001 година во Македонија.

Во тоа време не можев ни да замислам дека следната војна на која ќе се видам со моите колеги од белиот свет ќе се случи токму во мојата земја, но се случи. ОК, кога се работи за Балканот, никогаш не велам не. И сега, кога гледам кон север од мојата земја, носот ми го штипе силниот мирис на несигурност. Барут. И тажен сум поради овој трагичен Балкан.

Воедно (не без некое неодредено чувство на нелагодност), се радувам што нѐ делат денови од големите одлуки што ќе нѐ оддалечат од таа неизвесност. Што ќе ни овозможат помирно стареење и посигурна младост за нашите деца. И достоинство за сите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...