Столтенберг: Протоколот за интеграција во НАТО би можел да се потпише во првата половина на следната година

298

Мислам дека можеме да го завршиме процесот на ратификација и да го потпишеме протоколот за интеграција на ПЈРМ во НАТО пред изборите, во првата половина на следната година, вели генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интервју за грчкиот весник „Катимерини“. Додава дека се зависи од тоа кога кај нас ќе финализираат уставните промени, но при посетата на Скопје му било посочено дека ова може да се заврши на почетокот на 2019, а веднаш потоа може да се потпише и протоколот за членство.

Генералниот секретар на НАТО во интервјуто за „Катимерини“ испраќа порака дека и Скопје и Атина треба да ги исполнат обврските што произлегуваат од Договорот од Преспа, дека не постои начин за влез во НАТО без договор за името, но говори и за впечатоците и искуството од посетата на Скопје.

– Не постои друг начин ПЈРМ да влезе во НАТО од тоа да се договори за името со Грција и ова го разјаснив во сите мои изјави во Скопје. Важно е да не постои илузија дека може да кажат „не“ за договорот и „да“ за НАТО. За некои во ПЈРМ ова би било добро решение, но ова решение не постои. Бев многу јасен во однос на ова. Треба да се избегне веројатно недоразбирање дека постои пат кон НАТО без решение на името. Еден договор, беше е и ќе биде предуслов за интеграција во НАТО, вели Столтенберг во интервјуто.

Тој вели дека е сигурен дека и Грција ќе ги исполни нејзините обврски од договорот, а не гледа зошто не би го сторила тоа, кога уште во „2008 јасно ја изрази поддршката за интеграција на ПЈРМ во НАТО кога ќе се реши името“.

Прашан за посетата кај нас, Столтенберг за „Катимерини“ детално ги објаснува активностите во Скопје, вели дека климата била многу добра, додека во однос на Договорот од Преспа вели дека е компромис, а компромисите секогаш се болни, но од друга страна „алтернативата за соживот со еден спор за името што ја блокира земјата од меѓународната заедница е лоша за сите“.

– Навистина верувам дека станува збор за историски договор. Историска можност да се реши прашањето за името. Тоа е компромис, никогаш не е лесно да се прават компромиси. Тоа го видовме во ПЈРМ, во Скопје, исто така го видовме во Грција. Секако тоа е добро за оваа земја, но исто така е добро и за Грција, за Европа, за сите нас. Останува секако да се покаже кој ќе биде резултатот од референдумот – објаснува генералниот секретар на НАТО.

Мал дел од интервјуто на Столтенберг за „Катимерини“ беше објавено во петокот вечерта во централното издание на вестите на грчката телевизија „Скај“.

Генералниот секретар на НАТО рече дека на сите негови политички средби во Скопје му било изјавено дека ако се гласа „за“ на референдумот, договорот ќе се имплементира.

На прашањето што доколку договорот помине кај нас, но не и во Грција, со оглед на позициите на коалицискиот партнер во Владата и на лидерот на опозициската Нова демократија, Столтенберг рече дека со тоа би се довел во опасност кредибилитетот на Грција.

– Јас сум уверен дека договорот ќе се имплементира во двете земји, бидејќи е суштински за националниот кредибилитет кога една земја потпишува договор, а другата страна го исполнува, тогаш двете земји ќе го исполнат договорот. Сѐ друго сериозно би го поткопало националниот кредибилитет на било која од земјите – вели Столтенберг и изразува оптимизам дека ќе се запазат предвидените временски рокови и договорот ќе стапи на сила на почетокот на следната година.

Како што јави дописничката на МИА од Атина во саботата, одговарајќи на прашањето, што доколку некоја следна влада во Македонија ги поништи уставните измени и реформите, генералниот секретар на НАТО, Столтенберг за „Скај“ рече дека промената на Уставот е сложен процес, а при потпишување меѓународни договори секогаш треба да постои и малку доверба.

– Не е ништо ново во меѓународните односи, државите да потпишуваат договори базирани на минимална доверба, а ова важи и во конкретниот случај за двете страни. Ако нема доверба, нема начин да постои било каков договор, но и не може да се направи никаков вид на соработка и било каков напредок во односите меѓу земјите, рече генералниот секретар на НАТО.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...