Камбовски: МАНУ, МНТ, Филхармонија ќе се залагаме да останат „македонски“

499

Договорот од Преспа е оптимално решение што Македонија можеше да го постигне за решение на спорот за името, смета академикот Владо Камбовски, кој денеска заедно со академикот Владо Поповски и Нано Ружин одржа средба со новинарите посветена токму на овој договор.

МАНУ ќе се залага да го задржи акронимот без да се преименува во Академија на науките на Северна Македонија, вели Камбовски. Според него, има простор за либерлано толкување на членот од Договорот кој се однесува на кодовите и придавките на државните институции.

– Кога ќе дојде време за имплеметација на Договорот, ние ќе се обидеме да дадеме доволно аргументи дека МАНУ, МНТ, филхармонија, треба да ја задржат автономијата на употреба на терминот „македонски“. Точно, МАНУ има финанс поддршка од државата, но се работи на реформи за деетатизација. Задржувањето на придавка нема да има штета за другата страна зашто тамошната Атинска академија не ја користи истата придавка – порача Камбовски.

Академик Камбовски на реферат од 20тина страници го изнесе својот став за Договорот со Грција, оценувајќи го како европски договор, кој не го загрозува идентитетот, јазикот и државјанството.

– Постигнатиот консензус околу новото име е компромис меѓу стравот и надежта на двете страни: задржано е името Македонија, со што не се загрозува идентитетот на македонскиот народ кој живее на нејзина територија, но додадена е географска одредница со која таа се разликува од северниот регион на Грција – образложи Камбовски.

За него Договорот со Грција е добар пример и основа за склучување вакви договори и со другите соседени земји.

На иста линија со Камбовски е и академикот Поповски кој вели дека „не можеше да има подобар договор“ и оти е илузија доколку некој каже дека би склучил подобар договор од овој.

Камбовски кажа дека ова не е официјален став на МАНУ, туку дека ова се некои научни погледи на академици од Центарот за стратегиски истражувања на Академијата.

Утрешната научна расправа на тема „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“ се организира како одговор на потребата од научна и стручна анализа на Спогодбата од Преспа и на општествениот, политичкиот и медиумскиот контекст во кој таа е склучена. Учество ќе земат повеќе членови на МАНУ, еминентни научници, претставници на власта и на акредитираните дипломатски мисии во земјата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...