За да го опише на најбрз можен начин компромисот-Договор меѓу владите на Македонија и Грција, услов над сите услови за влез на Македонија во НАТО-Алијансата и ЕУ, угледниот и моќен американски сенатор Рон Џонсон (дојде во Македонија во иста мисија како и онаа на Меркел, Столтенберг и Курц), се послужи со еден парадокс. Тој рече дека добрите решенија често се кријат меѓу оние што „никој не ги сака.“ Зошто парадокс? Затоа што е неверојатно да барате добро решение на политички проблем меѓу оние што „не ги сакате.“
Дека е така тоа можеме да се увериме со сегашните, предреферендумски “македонцки работи“ (Мисирков.), по традиција замрсени и драматични. Оние кои ќе гласаат “за“ на тој референдум, не скокаат од радост што Договорот-компромис со Грција предвидува менување на уставното име и некои членови од Уставот. Цртата која ги дели од оние кои ќе му речат „не“ на тој Договор (или ќе го бојкотираат!) се вика Der Angst – чувство кое измачува, кое ви вади душа, кое, тлее како жарче или пламти во душата на секој човек. Сепак, една работа е да му подлегнете на тоа чувство, а сосем друга да се потрудите некако да го зауздите. Во првиот случај вие сте слуга на тој суров господар Der Angst. Во вториот, еден господар со камшик в рака, како оној на Ниче. Така тој го кроти својот пргав слуга. Така го учи кој е и што треба да прави како слуга.
Не само отровот-чувство кое измачува е тој што пресудува дали некој ќе се изјасни „за“ иднината на Македонија која зависи од изборот влез во НАТО-алијансата и Евроунијата. Исто толку важна улога играат и некои фактори од идеолошка природа врз кои почиваат тие две добропознати, мега-идеологии во политичката теорија, а за кои се користат имињата тоталитарни или демократски политички системи. Првата е власт на една партија која брзо се претвора во власт на еден човек затоа што нејзиниот modus vivendi e слепата послушност. Таа станува дури поголема морална вредност од слободата – господар сам на себеси. Втората е власт на партија (или на партии во коалиција) која добила доверба на слободни и тајни избори (политички плурализам) на ограничен рок. Доверба што се проверува и легитимира на секои четири години.
И тоталитарната и демократската идеологија имаат свои привлечности. Тие го објаснуваат не само нивниот опстанок туку и способноста, понекогаш, долго да се одржуваат на политичката сцена. Сакам да кажам со тоа дека не само политичката култура, колективната традиција или, во крајна линија, склоноста на едни народи кон деспотизам (цврста рака на власт), а на други кон слобода (јас имам власт над себеси, не државата), туку и привлечноста на идеологијата тоталитаризам не е драматично помала од онаа на идеологијата демократијата.Во што се состои таа привлечност?
Секоја тоталитарна идеологија, па така и онаа на Никола Груевски со свој континуитет во ликот и делото на неговиот верен следбеник Киријакос (пардон: Христијан) има хилијастичко потекло кое игра на картата “рај на земјата.“ Со други зборови, хилијазмот е доктрина која ве убедува дека е можно да се решат некои прашања од антрополошка природа со политички средства. Кога сега Киријакос (пардон: Христијан) Мицковски ви вели дека средството Договор со Грција не одговара на целта влез во НАТО и ЕУ, стратешка цел и на неговото ултра-патриотско ВМРО-ДПМНЕ, тој не само што не верува, како сенаторот Рон Џонсон, дека добрите решенија се кријат меѓу оние што „никој не ги сака“, туку напротив. Тие решенија се кријат меѓу оние што „сите ги сакаат.“ Тоа е една ултра-популистичка логика, тоталитарна по дух кој, како што се рече, спокојно си дреме во ламбата на доктрината хилијазам.
Ама, од друга страна, има ли некој човек под капата небеска, учен или прост, кој не посакува, кој не копнее, кој ни најмалку не верува во некој, макар скромен, “рај на земјата“? Впрочем, што значи тоа кога демократот Заев ви вели дека иднината на страдна Македонија е во НАТО и ЕУ? Дека таа иднина ќе ни донесе гарантирана безбедност и благосостојба? Дека ќе нè спаси од егзодусот на младите луѓе на Запад? Ако не само, тогаш секако значи (и) една „рајска градина“ како што вели фолкмејкерот Јонче Христовски. Политички спас од мачна, неподнослива мизерија која понижува. Со која си вадат очи најголем дел од Македонците. Се разбира, една не толку раскошна „рајска градина“ како онаа на хилијастите-тоталитарци, но сепак – „рајска.“
Очигледно, на таа точка си подаваат рака идеологијата тоталитаризам и демократија. Да не речам се прегрнуваат. Но затоа пак на многу други точки тие две мега-идеологии (тирании и демократии во времето на Платон и Аристотел) се разидуваат. До степен да се гледаат низ нишанот на нивните пушки (Сл. Јаневски) кои само што не пукнале. Ете зошто тој “рај на земјата“ кој, на свој начин, го предлагаат и двете мега-идеологии, може да се спореди со две крупни, блескави ѕвезди на хоризонт. Тие две ѕвезди драстично се разликуваат. Иако и двете имаат магнета сила која привлекува.
Онаа на идеологијата тоталитарзам ви се приближува кога вие тргнувате кон тој измамник хоризонт. Онаа на идеологијата демократија се оддалечува кога тргнувате кон истиот хоризонт. Се разбира, оној што се приближува кон ѕвезда на хоризонт добро знае дека е тоа фатаморгана (илузија). Ама, од друга страна, нама човек на кој не му е потребна илузијата, не помалку од „простата и строга“ (Конески) вистина. Зошто? Затоа што таа „проста и строга“ вистина ви вели дека, обично, добрите решенија се кријат меѓу оние што “никој не ги сака“ – парадоксот на американскиот сенатор Рон Џонсон.
Јасно, тој не кажа ништо ново. Уште помалку – оригинално. Се работи за древна, одамна позната вистина што ја забораваме заради насушната и слатка илузија. Таа ни доаѓа како мелем на душа. Таа ублажува отворена рана на таа душа. Наспрема вистината која е нешто како рака сол врз отворена рана. Иако „ништо не лекува“, иако само „нѐ слекува до основната болка“ (пак Конески), мелемот-илузија смалува болки, макар краткотрајно. Ама и тоа е – утеха.