Премиерот Зоран Заев вечерва го прими во посета Јан Хекер, советник за надворешна политика на канцеларката на СР Германија Ангела Меркел, кој на средбата во кабинетот на Заев беше во придружба на германскиот амбасадор Томас Герберих.
Премиерот Заев го информирал советникот Хекер за претстојните чекори и средби во разговорите со Грција за прашањето за името, и дека досегашните постигнувања и, особено изградениот амбиент на доверба меѓу двете земји, го отвориле процесот за изнаоѓање заеднички прифатливо решение за ова прашање.
Заев го информирал Хекер и за динамиката на имплементацјата на реформските процеси и закони од Планот 3-6-9, како и за заложбите што се вложуваат во реализацијата на концептот „Едно општество за сите“.
„Претседателот на Владата Зоран Заев говореше и за комуникацијата со најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, и информираше дека во таа насока настојува да биде обезбедена редовна размена на информации и нормализација на парламентарниот процес“, соопшти Владата.