Зборот „бојкотирачи“ го сретнав во еден ФБ-пост на Гордан Георогив, екс-потпретседател на СДСМ. Зборот го стави во наводници од две причини: затоа што 1) се работи за збор кој сè уште не заживеал во разговорниот јазик и 2) тој збор упатува на луѓе чија професија е бојкотот; тие живеат од професијата бојкот како и професионалните патриоти, како и мнозинството политичари. Особено кај нас, во слободна, независна и суверена Македонија, како што рече покојниот претседател Киро Глигоров. Иако не се малку оние кои како, на пример, поетот Гане Тодоровски, велат дека политиката ни не е некоја професија: „колкумина денес со политика место со мотика си го вадат лебот.“
Во важниот корпус „бојкотирачи“ екс-потпретседателот на СДСМ Георгиев разликува два подвида: едни со своја „интимна вага“ на која тежината спас (по секоја цена) на уставното име е поголема од менувањето на тоа име според постигнатиот Договор со Грција како средство да се дојде до целта влез во НАТО и ЕУ и, други, кои сакаат да се задржи политичкото status quo од времето на деспотската власт на Никола Груевски кое им донесло важни социјални позиции, привилегии и пари. Поинаку речено, оние со „интимна вага“ се „бојкотирачи“ кои имаат свои длабоки, психолошки побуди (и, според тоа – човечки, дури премногу човечки) да бидат против Договорот со Грција и, други, кои од егоистички (власт, пари и слава) го прават тоа.
Уште појасно речено, првите треба да ги разбереме затоа што нивните побуди не можеме да ги осудуваме од морална гледна точка. Се знае добро дека не може да се осудува некој човек само затоа што неговото „чувствено битие“ (Конески) е посилно од неговото рационално. Наспроти тоа, вторите можеме затоа што тие побуди ги класираат како луѓе кои со „политика место со мотика си го вадат лебот.“ Токму тоа го вели, во изјаснета форма, политикологот Гордан Георгиев кога поентира во својот ФБ-статус дека неговата „политичка борба принципиелно и првенствено“ била “насочена кон нив.“
Оние „бојкотирачи“ кои од морално ниски, егоистички побуди се против Договорот со Грција, а против кои треба да се води “политичка борба“ според екс-потптртседатлот на СДСМ, се помалку (околу 40%) во споредба со оние (околу 60%) кои не го одобруваат тој Договор од свои „човечки“ побуди. Оние помалку се реална и опасна закана за успехот на претстојниот референдум. За тоа дека се реална и опасна сведочи, впрочем, силната, булдужер-офанзива на светската политичка елита. За само неколку дена во Скопје дојдоа германскиот канцелар Ангела Меркел (најмоќната жена во светот), генералниот секретар на НАТО-алијансата Столтенберг и премиерот на австриската влада Себастијан Кјурц. Тие дојдоа за да им кажат, јасно и гласно, на нашите „бојкотирачи“ дека се коцкаат со судбината на земјата до колку истраат во својата намера да го „срушат“ претстојниот референдум.
Јас мислам дека поголема реална закана за успехот на референдумот се „бојкотирчите“ Киријакос (пардон: Христијан) Мицковски во својството шеф на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на државата Ѓорги Иванов. Нивното политичко поведение им дава силна поддршка на оние status-quo „бојкотирачи“ и таа поддршка не треба да се потценува. Не треба од од многу причини меѓу кои три се посебно важни:
1) луѓето се склони попрво својата одговорност за крпни прашања да им ја препуштаат на оние “над нив“ затоа што одговорноста, како и слободата се “бреме“ (Касирер, Фром); 2) стравот од тоа дека “на Македонците пак нешто им се одзема“ (Кица Колбе) е длабоко втиснат во нивната колективна меморија; тој страв работи не само кај оние status quo „бојкотирачи“, туку и кај оние што го поддржуваат референдумот; 3) ВМРО-ДПМНЕ е полувоена политичка структура (наводно, по сугестија на Иванов кој го убедил во тоа Груевски; тој го послушал и си направил таква структура не затоа што го цени, туку затоа што му послужи за многу добро се знае – што), а пак во една таква политичка структура мислата и зборот на омнипотентниот вожд Киријакос (пардон: Христијан) се следат и спроведуваат слепо, беспоговорно и, дури, со насушна како леб гордост.
Сега засега, тие истрајуваат во нивната поддршка. Иако има некои знаци дека, во последен момент, ќе се откажат од неа. Не зборува за тоа дозираната, срамежлива, дикат-еволуција во нивната реторика? Така, на пример, Киријакос (пардон: Христијан) Мицковски почна со тоа дека Договорот со Грција бил „капитулантски.“ На Курц му рече дека тој Договор бил „неприфатлив.“ А пак на Меркел дека “содржината“ не можело да ја голтне неговото ултра-патриотско ВМРО-ДПМНЕ. Иванов јавно негодува зошто доаѓаат сега толку видни и силни ликови од светската, висока политика (згора на тоа, тие го заобиколуваат), со зла намера да ја спречат „саморефлексијата“ на Македонците кои, без нивниот притисок, сигурно би го „срушиле“ идниот референдум.
Иако омекнува нивната политичка реторика, иако тоа може нешто да значи, останува да се мисли дека и – не мора. А не мора затоа што вождот на ВМРО-ДПМНЕ е очигледно (за жал сè уште) заточеник и верен следбеник на криминалниот деспотизам на Груевски кој успеа да се одржи цела деценија со еден неверојатно проѕирен трик („измама“ според Денко Малески): едно да им зборува на големите и силни во светот, а сосем друго да си прави дома.
Мора да постојат, згора на тоа, и некои крупни, психолошки мотиви и кај двајцата – Иванов и Мицковски. Тие мотиви се посилни од гласот на здравиот разум. Тој глас душевадник, сигурен сум во тоа, постојано ги потсетува дека нивното политичко поведение ги тера да запалат јорган заради болва. Или, уште подобро: да запалат само затоа што им се чини дека има – болва. Ќе се обидам, при погоден повод, да ги идентификувам тие „силни политички мотиви.“