Џафери: Убеден сум дека масовно ќе излеземе на референдум

Собранискиот спикер упати апел до оние кои ќе ја водат кампањата, таа да биде позитивна и без навреди и дисквалификации на оној кој размислува различно од нас

212

Пред дваесет и седум години, токму овде во Собранието беа поставени и стратешките цели на Република Македонија, а тоа се евроатланските интеграции. Тоа е стратешка определба која и тогаш, а и сега ужива голема поддршка кај нашите граѓани. Декларативно, за евроатланските интеграции се изјаснуваат сите парламентарни партии, што се гледа и преку повеќето резолуции и декларации усвоени токму овде во Собранието.

Ова денеска го изјави претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери во обраќањето по повод одбележувањето на 8 Септември – Ден на независноста на Република Македонија.

– Дозволете ми вечерва од свое име, од името на сите присутни а убеден сум дека зборувам и од името на целокупната јавност, да изразам благодарност до пратениците од првиот состав на Собранието на Република Македонија – рече Џафери.

 

Џафери потсети дека со потпишувањето на Договорот за пријателство со Бугарија и Договорот од Преспа, „ширум ни е отворена вратата за полноправно членство во НАТО и за добивање на датум за отпочнување на преговорите за полноправно членство во ЕУ“.

Тој рече дека на 30 септември, секој од нас има можност со својот глас да ја определи својата сегашност, но и својата иднина, како и иднината на генерациите кои доаѓаат.

– Секој од нас, на 30 септември треба да се потсети на нашите предци кои мудро процениле што е добро за нив, но уште повеќе знаеле одговорно да се однесуваат кон генерациите кои доаѓале после нив. Се потврдило дека храброста, решителноста и визионерството се дел од нашето битие, без разлика на која етничка група припаѓаме или, која вера ја практикуваме. Во оваа свечена прилика, би сакал да додадам уште нешто: секогаш сме знаеле да се почитуваме меѓу себе, затоа, би апелирал до оние кои ќе ја водат кампањата, нека биде позитивна и без навреди и дисквалификации на оној кој размислува различно од нас – додаде Џафери во обраќањето по повод одбележувањето на 8 Септември – Ден на независноста на Република Македонија.

Тој изрази уверување дека граѓаните на 30 септември ќе излезат масовно да гласаат на референдумот и оти со „нашиот глас ќе обезбедиме стабилна сегашност и многу подобра иднина, во заедница со другите европски народи на кои културно и цивилизациски припаѓаме“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...