Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира на долгото траење на судските расправи, која, нагласува, кулминирала на рочиштето во предметот поврзан со настаните од 27 април 2017 година кое се одржа вчера во Основниот суд Скопје 1 во Скопје, со почеток во 12 часот и траеше до 21:30 часот.
„Со пролонгираното времетраење на рочиштето, а по завршувањето на работното време на судот и неговото траење од 9 часа и 30 минути сметаме дека се постапува на штета на обвинетите во постапката со тоа што се врши повреда на нивното право на адекватно време и простории за подготовка на одбраната. Ова од причина што на обвинетите им се оневозможува правото на ефективна комуникација со бранителите, во насока на отсуство на разумно и доволно време за подготовка на соодветна одбрана. Имајќи го предвид фактот дека на ова рочиште беа изведувани докази на јавното обвинителство до 21:30 часот, а во текот на следниот ден за кога е повторно закажано рочиште по овој предмет во 10 часот, на кое што ќе се продолжи со изведување на доказите на јавното обвинителство, одбраната не е во можност во траење на 12 часа и 30 минути помеѓу двете рочишта да ја подготви својата стратегија и да овозможи соодветна одбрана. Ова е деликатна ситуација, особено имајќи го предвид фактот што најголемиот дел од обвинетите се во притвор каде што комуникацијата со бранителите и онака е отежната поради логистички и технички услови“, се наведува во соопштението.
Коалицијата наведува дека пред истиот суд се водеше судски предмет познат во јавноста како „Диво Насеље“ кој што беше од висок степен на важност, со 37 обвинети лица кои беа во притвор, обвинети за кривични дела против државата, а чија што динамика беше умерена и во рамките на работното време на судот.
„Овој процес се одвиваше со динамика од две рочишта неделно во просек, а истиот заврши за две години, па оттаму Коалцијата не гледа причина за толку интензивно насрочување на рочиште за предметот поврзан со настаните од 27 април“, велат од Коалицијата.